По повод прославата на 65-годишнината од основањето на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, студентите од Институтот за текстилно инженерство, под менторство на проф. Лидија Георгиева, ја подготвија традиционалната модна ревија на тема „Време“, што ќе се одржи вечерва, во 19 часот на ТМФ.
Тие го истражуваа поимот време како континуум, река која постојано тече и со себе го носи наследството од минатото низ патеките кон иднината. Приказната за влијанието на времето врз модата, ја доловува нејзината суштина низ дијалогот на бои, текстури и форми. Со изработка на уникатни дизајни, студентите ги пренесоа нивните различни толкувања – некои креации се инспирираат од елеганцијата на минатото, со оригинални детали и ткаенини, додека други гледаат кон иднината, прикажувајќи иновативни силуети кои ги симболизираат безграничните можности на утрешницата. Дизајните ги одразуваат моментите на транзиција, каде што старото се среќава со новото, отелотворувајќи го трансформативниот дух на креација што го дефинира нашиот факултет.
Брзото темпо на технолошкиот напредок го нагласува забрзувањето на времето во модерното време. Откритијата, за кои некогаш биле потребни децении да се развијат, сега се појавуваат за само години или месеци. Ова забрзување влијае на индустријата, економијата и секојдневниот живот, преобликувајќи го начинот на кој го перципираме и користиме времето. Развојот на вештачката интелигенција дополнително влијае врз течението на времето, овозможувајќи моментална комуникација, брза обработка на податоци и решавање проблеми. Како што технологијата се развива, таа постојано ги редефинира нашите временски граници, создавајќи иднина во која времето станува сè повредно. Па така, дигиталната ера, ги разниша границите помеѓу работата и слободното време, создавајќи општество 24/7 каде традиционалните временски одредници се губат.
Модата ја доловува суштината на времето, рефлектирајќи изгледи од различни ери и предвидување на идните трендови. Дизајнерите често се осврнуваат кон минатото за инспирација, па цикличната природа на модата покажува како таа не се движи линеарно, туку спирално, па старите стилови се постојано реобмислени. Оваа интеракција на минатото, сегашноста и иднината во модата го истакнува времето како динамичен концепт кој постојано се развива и каде коегзистираат историјата и иновациите.
Времето, во своите различни манифестации, останува длабок и повеќеслоен концепт. Во квантната физика, тоа го предизвикува нашето разбирање за реалноста; во модата, инспирира креативност и континуитет; во технологијата, ги поттикнува иновациите и напредокот; и како општествен конструкт, го обликува нашиот секојдневен живот и културните практики.
Изразуваме голема благодарност до нашите партнери за шминка и фризура – студентите од школата Димитар Влахов, како и Cosmo, Pierre Cardin Cosmetics – официјален партнер за шминка и Alfa Parf Milano – партнер за фризура, коишто помогнаа во реализирањето на нашата визија, а моделите се од модните агенции Подиум и Црнокрак.