Петгодишно момче го загуби животот утринава во Берлин, откако тешка стаклена врата во градинка се скршила и паднала врз него. И покрај брзата реакција на службите за итна помош, лекарите не успеале да го спасат детето.
Трагичниот инцидент се случил во градинката „Адлеркикен“ во берлинската населба Нидершенвајде. Според информациите од полицијата, несреќата се случила околу 10:15 часот, кога стаклената врата од терасата што води кон надворешното игралиште ненадејно се срушила кон внатрешноста на објектот.
Детето се нашло во непосредна близина на вратата и претрпело тешки, смртоносни повреди. На местото на настанот интервенирале повеќе од 20 припадници на противпожарната служба, како и неколку медицински екипи. Во обидот за спасување биле ангажирани и два хеликоптери за итна медицинска помош, но реанимацијата била безуспешна.
Полицијата веднаш го обезбедила просторот околу градинката, а оштетениот влез кон терасата бил привремено затворен со дрвени штици. Криминалната полиција започнала истрага за да се утврдат точните околности под кои дошло до несреќата.
„Станува збор за исклучително трагичен настан. Во тек е истрага која треба да покаже дали причината е технички дефект или евентуална неправилна употреба на вратата“, изјави портпарол на берлинската полиција.
Родителите и вработените во градинката биле во шок по настанот, поради што им била обезбедена психолошка поддршка.