Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Трајаноски: Олимписките игри и Западот мета на црната руска пропаганда со религиозни дезинформации

Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Руската воена пропаганда против Западот и Олимписките игри како форма на „сатанизам“ проби и во некои македонски медиуми, а и на социјалните мрежи.

Нападот на Олимписките игри во Париз со изразите „сатанизам“ и „сатанистички“ е дел од непријателската пропаганда на Путин против Западот, особено по руската воена агресија врз Украина во 2022 година. Руската милитантна пропаганда дека Западот е западнат во „сатанизам“ стана и официјална догма на Руската православна црква (РПЦ), која се претвори во воено-пропагандна алатка на Путиновиот режим. И Олимписките игри, и Париз, и Франција, и Западот повторно стануваат мета на оцрнувачка руска пропаганда со религиозни дезинформации и медиумски манипулации.

Русија и нејзината пропагандна „света војна“ против „сатанизмот“

Во официјалната доктрина на РПЦ од 2024, Путиновата „специјална воена операција“ е прогласена за „Света војна“, во која Русија и нејзиниот народ, не се претставени како агресори кои ја напаѓаат и освојуваат Украина, туку како бранители на единствениот духовен простор на Света Русија.

Агресорот Русија, во воено-црковната пропаганда се себепретставува како исполнувач на мисијата на „катехон“ («Удерживающего»), како заштитник на светот од натискот на глобализмот и од победата на Западот (западнат во „сатанизам“).

Пропагандните наративи за Путиновата Русија (како „катехон“ или „Третиот Рим“), која има мисија да го спречи конечниот триумф на злото и доаѓањето на Антихристот, се ширеше и продолжува да се шири во најразлични форми и во балканските и во македонските медиуми.

Дугин: Русија е во војна со Антихристот, „со сатаната, со Западот, со Олимписките игри“

Еден од идеолозите на „светата“ војна против „сатанистичкиот“ Запад е Александар Дугин, кој со години го пропагира не само концептот „Катехон“, туку и концептите „Третиот Рим“ и „Евроазија“, како и „Рускиот свет“. Не случајно во пропагандниот филм „Катехон: Русија против антихристот“, Александар Дугин е прв говорник кој ги објаснува значењата на изразите „Рускиот свет“ и „Третиот Рим“. Во филмот, Русија е претставена како империја наследник на Византија (и Рим), како „Катехон“ и спасителка на светот во судирот со „Антихристот“.

И пред и по воената агресија на Русија врз Украина, рускиот империјалист Дугин експлицитно ги сатанизираше Украина и Западот, оцрнувајќи ги дури и САД како „Антихрист“. Дугин ја оправдуваше „спецoперацијата“ на Путин како битка со „ѓаволот“, како прекинување на врските со „ѓаволскиот“ Запад, како почеток на „последната битка на светлината и темнината, ние и тие, Евроазија и Атлантикот“.

Затоа, сосема беше очекувано Дугин најжестоко да го нападне отворањето на Олимписките игри во Париз како израз на „сатанизмот“ на Западот – „Западот е ѓаволот“, а СВО („специјалната воена операција“) е „војна со сатаната, со Западот, со Олимписките игри“, напиша Дугин. Притоа, милитантниот идеолог на рускиот империјализам не само што го проколна Западот, туку и повика на оружје за уништување на „оваа сатанска цивилизација“. Не станува збор тука само за непријателска пропаганда на некој осамен политички пророк. Тезите дека Русија е во војна со сатаната се официјални тези на руските лидери (како Медведев), а постојаните обвинувања за сатанизам се дел од воено-пропагандниот арсенал на РПЦ и руските пропагандисти во непријателски средини каде што има христијанско население.

Може ли да се дебатира со непријателска пропаганда која не враќа во средниот век?

Дали треба да се „дебатира“ на социјалните мрежи и во медиумите со лица кои шират руски и други антизападни пропагандни дезинформации дека Олимписките игри се форма на „сатанизам“?

Може ли да се дебатира со непријателска пропаганда која користи дезинформации за да оцрнува не само личности, спортисти и спортски манифестации, туку и цели народи и цивилизации како „ѓаволски“ и „сатанистички“?

Нема простор за никаква конструктивна дебата, кога едната страна користи говор на омраза и милитантно-пропагандни стратегии на оцрнување, демонизирање, сатанизирање на противникот, кој е веќе идентификуван и како „воен непријател“.

И новинар(к)ите треба да имаат вештини и капацитети да препознаат говор на омраза, дезинформации и милитантна пропаганда (во случајов, руска пропаганда која го злоупотребува православието за воено-политички цели), наместо да ги шират преку медиумите како „вести од социјалните мрежи“.

Новинар(к)ите и медиумите треба да се свесни не само за „сатанизацијата“ како пропагандна техника, туку и како историски феномен – кој предизвикал и многу „крстоносни“ војни, но и прогони против „еретици“, екскомуникации, анатеми, инквизиторски мачења, па и палења на „вештерки“ во еден мрачен историски период.

(авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА)

Преземено од: ИМА

Зачлени се на нашиот е-билтен