Гувернерот Трајко Славевски најави „олеснување“ за луѓе кои купуваат станови по прв пат и заострување за оние кои земаат кредити за да купат стан како инвестиција во бизнис, со образложение дека цените – особено во Скопје – ги притискаат младите да не можат да го решат станбеното прашање.
Тој порача дека мерките ќе бидат објавени за една до две недели, дека се работи со банките на нови критериуми и дека „најверојатно“ ќе се оди и со поврат на ДДВ за прв стан, при што, како што рече, зголемувањето на ДДВ од 5% на 18% „ќе се приспособи“ со пакетот.
Критичкиот проблем не е дали на младите им треба помош – туку кој и кога ја најавува. Наместо фокус на инфлацијата и стабилноста на денарот, гувернерот влегува во предизборниот терен на недвижнините. Монетарната власт има јасен мандат: ценовна стабилност, стабилен девизен курс и финансиска стабилност.
Дизајн на преференцијални станбени кредити и поврати на даноци е пред сè фискално-политичка сфера, во домен на Владата и Парламентот. Кога централната банка во жешко предизборие комуницира пакет за станови – пред да каже каде оди инфлацијата, колкава е премијата на ризик и каква е позицијата со девизните резерви – ризикува да ја замагли сопствената независност и веродостојност.
Логично се покренува прашањето за независноста на институцијата Народна Банка и Гувернер, која е дефинирана во Македонскиот устав, следствено дали се меша во надлежностите на Владата?
Уште пологично е прашањето дали премиерот Мицкоски и тука дели лекции и дозволува упад на Гувернер во Министерствата за економија и Финансии, чии ресори ги покриваат овие теми.
Дополнително, мерки „за една до две недели“ без јасни параметри (LTV/DTI прагови, ризични тежини, секторски лимити) повеќе звучат како политички сигнал, отколку како прецизна макропруденцијална интервенција. Ако вистинската цел е ладење на спекулативната побарувачка, централнoбанкарските алатки постојат и се мерливи. Ако целта е социјална и даночна корекција – тогаш тоа е прашање за извршната и законодавната власт, со транспарентна цена во буџетот. Во спротивно, се испраќа порака дека паричната политика се занимава со квадратите, а не со цените.
Подобро би било гувернерот најпрво да излезе со јасна оценка за инфлациските очекувања, ризиците по денарот и кредитниот раст, па дури потоа – во координација со Владата – да се разгледаат таргетирани, правно чисти и временски ограничени мерки за пазарот на недвижнини. Во спротивно, предизборната порака ќе остане погласна од монетарната.