Американскиот претседател Доналд Трамп повика регулаторите да ги одземат лиценците на националните телевизиски мрежи Еј-Би-Си и Ен-Би-Си, обвинувајќи ги за „пристрасно и нечесно“ известување.
Во објави на својата платформа Трут Соушл, Трамп напиша дека и покрај неговата висока популарност, овие канали објавуваат „97 отсто лоши приказни“ за него и известуваат неправедно за Републиканците.
Трамп оцени дека многумина сметаат оти Федералната комисија за комуникации (FCC) треба да им ги одземе лиценците. „Јас би бил целосно за тоа, бидејќи тие се толку пристрасни и нечесни, вистинска закана за нашата демократија!!!“, напиша Трамп.
Тој, исто така, предложи телевизиите, кои ги нарече „лажни вести“, да плаќаат милиони долари годишно за „привилегијата да ги користат највредните фреквенции во секое време и насекаде!!!“
Претседателот на FCC, Брендан Кар, републиканец назначен од Трамп во 2017 година, сè уште не се огласи околу овие барања.
Трамп редовно ги обвинува Еј-Би-Си и Ен-Би-Си, како и Си-Би-Ес и Си-Ен-Ен дека се гласноговорници на Демократската партија и дека ја оцрнуваат неговата политика. Тој е во постојан конфликт и со други медиуми чие известување не одговара на неговите ставови.
Најново, весникот „Волстрит џурнал“ доби забрана да патува со владин авион поради напис за контактите на Трамп со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн. Новинската агенција АП, пак, сè уште нема дозвола да лета со Ер Форс Уан откако одби да го користи новото име што Трамп му го даде на Мексиканскиот Залив – „Американски Залив“.