Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Шпанија треба да биде исфрлена од НАТО, поради тоа што одбива да ги исполни неговите барања за зголемување на одбранбените трошоци на 5% од БДП.

Оваа изјава дојде за време на средбата со финскиот претседател Александер Стаб во Белата куќа, која првично требаше да биде посветена на договорот за купување на 11 американски ледоломци во вредност од 6,1 милијарда долари.
Средбата, сепак, се претвори во нова епизода од конфликтот меѓу Трамп и шпанскиот премиер Педро Санчез, кој трае уште од самитот на НАТО во Хаг во јуни. Тогаш Шпанија објави дека нема да го следи барањето на Трамп за драстично зголемување на воениот буџет — далеку над договорените 2%.
„Побарав да плаќаат пет проценти, а не два. Сите се согласија — освен еден заостанат. Тоа беше Шпанија“, рече Трамп, додавајќи:
„Можеби треба едноставно да ја исфрлиме од НАТО.“
Трамп повторно порача дека САД нема да дозволат Европа да „се потпира“ на нивната воена сила, и дека секоја членка мора да придонесува рамноправно.
Во истата средба, Финска и САД го потпишаа договорот за испорака на ледоломци до 2028 година, како дел од јакнењето на финската одбрана поради заканите од Русија.
Трамп и Стаб, на крајот од разговорот, се пошегуваа и околу можноста Трамп да добие Нобелова награда за мир, за што, според него, веќе добил повеќе номинации.
„Направив седум мировни договори, ова би бил осмиот. Не го направив за награда, туку затоа што спасив многу животи,“ изјави Трамп.
Финскиот претседател дипломатски одговори дека тоа е „одлука на Нобеловиот комитет“, додавајќи дека вистинскиот мир ќе зависи од решавањето на кризите на Блискиот Исток и меѓу Русија и Украина.
Досега четворица американски претседатели ја добиле Нобеловата награда за мир — Теодор Рузвелт, Вудро Вилсон, Џими Картер и Барак Обама. Трамп се надева дека ќе биде првиот републиканец по повеќе од еден век кој ќе ја добие оваа престижна награда.