Американскиот претседател, Доналд Трамп и неговиот потпретседател Џ.Д. Венс, денеска ќе учествуваат на виртуелен состанок со лидерите на европските земји.
Британските медиуми наведуваат дека европските лидери прво ќе одржат меѓусебен видео состанок за да ги координираат своите позиции пред да разговараат со Трамп за неговите претстојни преговори со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска.
Неизвесноста околу исходот од руско-американскиот самит предизвика стравувања во Европа дека Трамп и Путин би можеле да донесат далекусежни одлуки, па дури и да извршат притисок врз Украина да прифати неповолен договор.
„Нашата цел е да го спречиме тоа, да останеме усогласени и обединети со нашите американски партнери. Сè уште има многу време до петок“, изјави висок европски функционер за британските медиуми.
Видеоконференцијата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на Германија, Финска, Франција, Велика Британија, Италија, Полска и Европската Унија, според германската Влада, е закажана за 14 часот , а на него ќе биде присутен и генералниот секретар на НАТО.
Дневниот ред на средбата вклучува стратегија за зголемување на притисокот врз Русија, редослед на чекорите во евентуалниот мировен процес, иднината на окупираните територии и безбедносните гаранции за Украина.
Средбата меѓу Трамп и Путин ќе се одржи в петок, 15 август, во Енкориџ, Алјаска.