Трамп до НАТО: Данска да се тргне од Гренланд

Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп ја засили реториката околу Гренланд, барајќи Данска „веднаш“ да се повлече од автономната арктичка територија што е дел од данското кралство. Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп ѝ се обрати на Алијансата со порака дека „НАТО“ треба да ѝ каже на Данска да се тргне, оценувајќи дека сегашното присуство и капацитети се недоволни и дека „само САД“ можат да ја обезбедат територијата.

Во истата линија, тој се повика и на проценки на данската одбранбена разузнавачка служба, наведувајќи дека во последниот период има предупредувања за руски и кинески воени амбиции кон Гренланд и Арктикот. Изјавата беше објавена неколку часа пред планираните разговори во Белата куќа, каде што министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд треба да се сретнат со американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио.

Според Reuters, Вашингтон ја оправдува својата позиција со аргументот за национална безбедност и стратешката локација на островот, вклучително и идејата дека Гренланд е важен за американскиот ракетен штит „Golden Dome“. Данска и Гренланд, пак, повторуваат дека островот „не е на продажба“ и дека безбедносните прашања мора да се решаваат меѓу сојузници, додека неколку европски партнери јавно застанаа зад Копенхаген.

Зачлени се на нашиот е-билтен