Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во средата официјално објави дека го номинира републиканскиот сенатор Марко Рубио (53), висок член на комитетите за надворешни односи и разузнавање и поранешен политички ривал, за државен секретар, јавува Ројтерс.
„Тој ќе биде силен застапник за нашата нација, вистински пријател на нашите сојузници и бестрашен воин кој никогаш нема да отстапи пред нашите противници“, рече Трамп во изјавата.
Изборот може да дојде како олеснување за американските партнери, загрижени дека администрацијата на Трамп би можела да се повлече од својата глобална мрежа на сојузи, вклучително и НАТО, со оглед на пристапот на Трамп „Прво Америка“ кон надворешните работи.
Гласините за изборот на Рубио предизвикаа критики од некои членови на Републиканската партија кои ги сметаа неговите надворешнополитички ставови како премногу традиционални и интернационалистички.
Њујорк Тајмс денеска потсетува дека сатвовите на Рубио во минатото беа во конфликт со ставовите на Трамп и неговиот концепт „Америка на прво место“. Исто така е познато дека Рубио го спонзорираше законодавството што ќе го спречи секој претседател да ги повлече Соединетите држави од НАТО без одобрение на Конгресот, мерка што се сметаше за превентивен напор да се спречи Трамп да ги следи неговите чести закани за напуштање на алијансата.
Ројтерс наведува дека Рубио е познат како „кинески јастреб“, отворен критичар на комунистичката влада на Куба и силен поддржувач на Израел. Тој во минатото се залагаше за понаметлива надворешна политика на САД во однос на геополитичките непријатели на Америка, иако неодамна неговите ставови се поблиску усогласени со оние на пристапот на Трамп „Америка на прво место“ кон надворешната политика.