Денес, на самитот на светските лидери во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, свечено беше потпишан мировниот договор за Газа, а потписот на тој документ прв го стави американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека требало да поминат 3.000 години за ова да се случи и рече дека овој пат мирот ќе трае.

По него, документот го потпишаа египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и катарскиот емир Хамад Ал Тани.
„Ова е неверојатен ден за целиот свет. Имаше предвидувања дека Третата светска војна ќе започне на Блискиот Исток, но тоа нема да се случи“, рече Трамп.
Пред потпишувањето, американскиот претседател им се заблагодари на некои светски лидери за нивната поддршка за мировниот договор за Газа.
„Тие зборуваат за тебе како да не си добар човек, а си. Живееш во тешка населба и без тебе ова немаше да се случи“, му рече тој на Ал Тани, додека му рече на Ердоган: „Ти си мој пријател и секој пат кога ми требаше, ти беше тука за мене“.
Тој му рече на египетскиот претседател Ал-Сиси дека е „одличен лидер, бидејќи Египет има многу малку криминал“.
„Го избравме Египет за оваа средба затоа што бевте многу услужливи. Сите сакаа овој домаќин, но мислевме дека Египет е најсоодветен“, рече Трамп.
Тој имаше и пофални зборови за италијанската премиерка Џорџо Мелони, за кого рече дека е „одличен лидер, кој одлично ја врши работата“.
Пред да го потпише договорот, Трамп топло се ракуваше со палестинскиот претседател Махмуд Абас, на кого американската влада му ја одби визата за да не може да присуствува на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации.
Египетскиот претседател Ал-Сиси по потпишувањето на договорот изјави дека Палестинците „имаат право на самоопределување и дека се стремат кон иднина во која војната нема да им се заканува“.
„Палестинците имаат право да уживаат во слободата и да живеат во својата независна држава, рамо до рамо со Израел во мир, безбедност и меѓусебно признавање“, рече Сиси.
Тој исто така изјави дека на Трамп ќе му биде доделен Орденот на Нил.
„Тоа е највисокото државно одликување во Египет, кое се доделува на шефови на држави или на оние кои прават големи дела за човештвото“, рече тој.
Трамп го заврши состанокот во Шарм ел Шеик велејќи дека ова е „ден за кој луѓето работеа, се трудеа, се надеваа и се молеа“.
„Историскиот договор што штотуку го потпишавме значи дека молитвите на милиони конечно се услишени и дека мирот е постигнат на Блискиот Исток“, рече Трамп.