До претседателските избори на 5 ноември остануваат нешто над две недели и демократката Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп влегуваат во завршницата од претседателската кампања. Викендов тие ги бранат своите позиции во неколку сојузни држави од Џорџија до Пенсилванија, кои веќе почнаа да гласаат на претседателските избори во САД.
Досега, речиси 13 милиони избирачи излегле да гласаат предвремено, лично или по пошта. До изборите на 5 ноември остануваат само 17 дена и анкетите укажуваат дека Харис и Трамп се речиси изедначени во најконкурентните држави.
Поттпретседателката вчера беше на настан за привлекување гласови во Детроит, Мичиген, на првиот ден од предвременото гласање таму. Настапи заедно со Лизо, рап изведувачка од Детроит. Следната станица на Харис беше Атланта, Џорџија, каде што одржа митинг заедно со друга музичка икона, поп-пејачот Ашер.
Поранешниот претседател Трамп одржа митинг во Латроб, Пенсилванија. На двајцата кандидати за претседател им се вкрстија патиштата во петокот во Мичиген, каде што главна тема им беше дали едиот или другиот е подобен за оваа работа. Трамп, кој има 78 години, ги отфрли обвинувањата на Харис дека е истоштен од темпото во последните денови од кампањата. Во недела, Харис ќе наполни 60 години.
Трамп исто така изјави дека не откажал ниту еден од своите предизборни настани.
-Јас дури и не сум уморен, рече тој.
Сепак, настанот на Националната асоцијација за огнено оружје на Америка закажан за 22 октомври во Савана, Џорџија, каде тој планирал да дојде, беше откажан од страна на домаќините.
Трамп ги отфрли повиците на Харис да објави извештај за своето здравје и рече дека таа самата треба да направи тест за когнитивни способности.
Неколку „клучни“ држави каде што двајцата претседателски кандидати уживаат силна поддршка, најверојатно ќе го одлучат исходот на изборите.
Од Вашингтон за Рацин.мк Борис Камчев