Рускиот претседател Владимир Путин го информирал американскиот претседател Доналд Трамп за украинскиот напад со беспилотни летала врз неговата резиденција во регионот Новгород, објави денес советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, подоцна објави на мрежата X дека Трамп „штотуку завршил позитивен телефонски разговор со претседателот Путин во врска со Украина“. Таа не даде дополнителни детали за содржината на тој повик. Трамп, исто така, вчера имал телефонски разговор со Путин, пред разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Флорида за мировниот план за Украина.
Според Ушаков, Путин го информирал Трамп за украинскиот напад со беспилотни летала синоќа и рекол дека тоа води до промена во ставот на Русија кон мировниот договор, објавува Гардијан.
Путин му рекол на Трамп дека сè уште сака да соработува со САД на мировен договор, но дека нападот наметнал преиспитување на ставот на Русија, објави Ушаков.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе изјави дека извештајот за наводниот напад е „лага“ и дека Русија ја измислила приказната за да ја поткопа американско-украинската работа за договор за прекин на војната во Украина.
Како што претходно објави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, украинските вооружени сили синоќа ја нападнаа резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во Новгородската област со 91 беспилотно летало, а сите испратени беспилотни летала беа уништени, објави агенцијата ТАСС.
Лавров изјави дека Москва нема да го остави нападот на Киев неодговорен и дека целите и времето на руската одмазда по нападот врз претседателската резиденција се утврдени.
Лавров посочи дека преговарачката позиција на Русија ќе биде преиспитана во однос на конечниот премин на режимот во Киев кон политиката на државен тероризам.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој води интензивни мировни преговори со украинската и руската страна за прекин на војната во Украина, вчера изјави дека имал многу добар телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, пред средбата во Флорида со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трамп вчера изјави дека Русија и Украина се „многу блиску до договор“.