Американскиот претседател Доналд Трамп остро реагираше на изјавата на рускиот лидер Владимир Путин за успешното тестирање на новата нуклеарна ракета „Буревестник“, оценувајќи ја како „несоодветна“ во услови кога војната во Украина сè уште трае.
„Несоодветно е Путин да го каже тоа. Тој треба да ја заврши војната во Украина“, изјави Трамп за време на својата азиска турнеја, потсетувајќи дека конфликтот кој требаше да трае „само една недела“ сега влегува во својата четврта година.
Руската страна вчера објави дека тестирањето на „Буревестник“ било целосно успешно. Путин, во видео објавено од Кремљ, го нарече оружјето „уникатно“ и најави подготовка на инфраструктурата за негово оперативно распоредување во вооружените сили.
Началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов, додаде дека ракетата останала во воздух речиси 15 часа и прелетала 14.000 километри, при што потенцираше дека тоа „не е границата“ на нејзиниот дострел.
„Техничките карактеристики на ’Буревестник‘ овозможуваат прецизен удар врз високо заштитени цели на кое било растојание“, рече Герасимов.
Програмата за развој на оваа ракета, која Путин првпат ја најави во 2018 година, се смета за еден од најконтроверзните потези на руската воена индустрија, поради нејзиниот нуклеарен погон и потенцијалот за долготрајно летање без ограничен дострел.
