Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Саудиска Арабија добива статус главен сојузник на САД надвор од НАТО, привилегија што во моментов ја имаат само 19 земји ширум светот. Одлуката беше објавена на свечената вечера во Белата куќа, организирана во чест на престолонаследникот Мухамед бин Салман.
„Нашата воена соработка ја подигаме на ново ниво“, изјави Трамп, нагласувајќи дека оваа формална одлука е „многу важна“ за Ријад.
Принцот Мухамед беше дочекан со високи почести – церемонијален пречек, прелет на воени авиони и оркестар на американската морнарица. Ова е неговата прва посета на Белата куќа по убиството на новинарот Џамал Кашоги во 2018 година, случај кој сериозно ги наруши односите меѓу двете земји. Американските разузнавачки служби утврдија дека престолонаследникот веројатно ја одобрил операцијата, што тој категорично го негира.
И покрај контроверзиите, Трамп ги избегна прашањата за Кашоги и се фокусираше на економската и воената соработка. На средбата се разговарало за договори вредни милијарди долари. Принцот Мухамед најави дека Саудиска Арабија ќе ги зголеми планираните инвестиции во САД на 1.000 милијарди долари, значително повеќе од претходно најавените 600 милијарди.
Администрацијата на Трамп, и покрај внатрешните предупредувања, се согласила и на продажба на борбени авиони F-35 на Ријад – чекор што отвора дополнителни геополитички дилеми, меѓу кои и опасноста Кина да дојде до напредни американски технологии преку саудискиот партнер.
За време на посетата предвиден е и инвестициски самит во Центарот Кенеди, на кој ќе учествуваат големи американски компании и саудискиот енергетски сектор.

