Поранешниот американски претседател Доналд Трамп мора да плати 354,9 милиони долари казна за фалсификување на вредноста на неговиот имот со цел да добие подобри услови со банките, а исто така доби забрана да биде претставник или директор на која било компанија во Њујорк во следните три години, одлучи денеска њујоршкиот суд.
Тужбата ја поднесе државниот обвинител на Њујорк, Летиша Џејмс, која го обвини Трамп и неговата семејна компанија за лажно зголемување на нето вредноста на имотот до 3,6 милијарди долари годишно, со цел да ги измамат банките и да добијат подобри услови за кредитирање, пренесува АП.
Трамп ги отфрли обвинувањата и случајот го нарече „политичка одмазда на обвинителката Џејмс“, која е демократ, и најави дека ќе поднесе жалба на пресудата.
Судијата Артур Енгорон ја донесе пресудата по два и пол месеци сведочење на 40 сведоци, меѓу кои и самиот Трамп. Завршниот говор беше изнесен на 11 јануари. Во овој случај пресуди судијата, а не поротата, бидејќи тоа не го побараа ниту обвинителството, ниту адвокатите на Трамп.
Фаворитот во трката за републиканската претседателска номинација сведочеше на 6 ноември 2023 дека вредноста на неговиот имот всушност била потценета во неговите финансиски документи и дека банките направиле сопствено истражување и се задоволни од неговиот бизнис.
Покрај Трамп, судијата ги прогласи и неговите синови Доналд Џуниор и Ерик одговорни за граѓанска измама во Њујорк, вклучувајќи издавање лажни финансиски извештаи, фалсификување деловни книги и заговор.
Тој нареди секој од нив да плати по четири милиони долари, а еден милион долари ќе треба да плати поранешниот финансиски директор на Трамп организацијата, Ален Вејселберг.
Ова беше значајна недела за Трамп кога станува збор за судските постапки, бидејќи против него се водат четири кривични постапки и една граѓанска тужба.
Во четвртокот, друг њујоршки судија одлучи дека судењето на поранешниот претседател ќе започне на 25 март под обвинение дека ги фалсификувал деловните досиеја на неговата компанија во обид да купи дискреција на луѓе кои би можеле да го засрамат со наводите за неговите неверства.
Доколку таа одлука остане во сила, тоа ќе биде прво кривично судење за Трамп, од четири што се покренати против него.