Трамп најави дека во дворот на Белата куќа ќе организира Ултимејт фајтинг борби

Фото: Белата куќа (The White House), јавен домејн, Викимедија комонс
Фото: Белата куќа (The White House), јавен домејн, Викимедија комонс

Претседателот на САД Доналд Трамп го одбележа изгласувањето на неговиот централен закон за даноци и трошоци изјавувајќи дека „не може да има подобар роденденски подарок за Америка“, Денот на независноста на САД, 4 Јули.

Настанот во Де Мојн, сојузната држава Ајова, формално означен како почеток на едногодишната прослава за 250-годишнината од американската независност, Трамп го претвори во митинг во предизборен стил, исмевајќи го говорниот стил на Џо Бајден, повторувајќи го лажното тврдење за украдените избори и напаѓајќи ги медиумите за „лажни вести“, пишува Гардијан. Во промена на политиката, тој изјави дека ќе дозволи мигрантски работници да останат во САД ако земјоделците кои ги вработуваат гарантираат за нив.

Дури по половина час се осврна на плановите за прославата на 250 годишнината од САД следната година „Америка 250“, најавувајќи „Голем американски државен саем“ и борба од Ултимејт фајтинг шампионатот (УФЦ) за 25.000 гледачи во дворот на Белата куќа.

Државата Ајова беше опишана како „логичен избор“ за почеток на прославите од страна на Моника Кроули, врска на Трамп со организаторите на „Америка 250“. Таа рече дека нејзината географска положба во средината на земјата симболизира желба за обединување на народот.

Но, откако се појави со црвена капа со натпис „USA“, Трамп повторно ги продлабочи поделбите со својот говор, славејќи го тесното изгласување на „Еден голем, прекрасен закон“ (One Big Beautiful Bill) во Претставничкиот дом.

Законот трајно ги продолжува даночните намалувања од 2017 година, обезбедува стотици милијарди долари за Пентагон и гранична безбедност, кратење на здравственото осигурување и помошта за храна за сиромашните, и ги укинува даночните кредити за чиста енергија. Според непартиската Конгресна буџетска канцеларија, овој закон ќе го зголеми дефицитот на САД за речиси 3,3 трилиони долари во наредната деценија.

„Нема подобар подарок за роденденот на Америка од феноменалната победа што ја постигнавме само пред неколку часа, кога Конгресот усвои ‘Еден голем, прекрасен закон’ за повторно да ја направиме Америка голема“, изјави Трамп пред присутните.

Говорејќи за влијанието на законот врз данокот на наследство, Трамп ги нарече банкарите кои ги експлоатираат клиентите „shylocks“, термин што Антидефамациската лига го смета за антисемитски стереотип. Подоцна, според новинарски извештај, Трамп изјавил дека не знаел оти зборот има антисемитска конотација: „Никогаш не сум го слушнал така. Тоа значи некој што дава пари за високи камати. Вие го гледате тоа поинаку“.

Демократите тврдат дека законот ќе ги лиши сиромашните од храна и здравствена заштита, додека ќе обезбеди милијарди за богатите. Трамп жестоко одговори: „Само затоа што ме мразат мене. Но, и јас нив ги мразам, знаете? Навистина ги мразам. Не можам да ги поднесам затоа што верувам дека тие ја мразат нашата земја“.

Претседателот се пофали: „Сто шеесет и пет дена од администрацијата на Трамп, Америка има победничка низа каква што никој никогаш не видел во историјата на претседателството“.

Како што рече тој, негов помошник му рекол дека е најголемиот претседател во историјата на САД, надминувајќи ги Џорџ Вашингтон и Абрахам Линколн. Се пофали со неодамнешните американски напади врз ирански нуклеарни објекти, падот на цените на јајцата, трговските договори со Британија и Виетнам и намалувањето на бројот на мигранти на јужната граница со Мексико.

Сепак, индиректно призна дека строгата политика на масовни депортации предизвикала проблеми, спомнувајќи поплаки од земјоделци дека нивните култури се во ризик поради недостиг на работна сила.

Обраќајќи ѝ се на секретарката за домашна безбедност, Кристи Ноем, Трамп рече: „Ако земјоделецот е подготвен да гарантира за овие луѓе, Кристи, мислам дека ќе мора да кажеме дека тоа ќе биде во ред, нели?“. Тој додаде дека ќе работи и со хотелската индустрија на ова прашање.

Неколку илјади луѓе, носејќи капи „Направи ја Америка повторно голема“ и маици „Ултра МАГА“, чекаа со часови при температури над 32 степени. Огромни ТВ-екрани прикажуваа слики од основачите на САД, а импровизираниот отворен простор беше украсен со 55 национални знамиња.

Последното истражување на Галуп покажа дека САД имаат најширока партиска поделеност во патриотизмот во последниве две децении – само третина од Демократите изјавиле дека се горди што се Американци, наспроти околу 90 отсто од Републиканците.

Најавувајќи идни битки за историјата, Трамп вети отворање на Национална градина на хероите на Америка и се пожали: „Соборија многу од нашите статуи. Ги соборија статуите на некои од најголемите луѓе што сме ги имале. Јас ги спречив да го симнат Томас Џеферсон… Можете да замислите кого ќе поставеа“.

Тој најави и телевизиски „Патриотски игри“ со Роберт Кенеди Помладиот за најдобрите средношколски спортисти и национален државен саем што ќе започне во Ајова, ќе патува низ целата земја и ќе заврши со фестивал во Националниот парк во Вашингтон.

Најнеочекувано, Трамп рече дека планира УФЦ борба во дворот на Белата куќа. Тој е редовен посетител на УФЦ настани и е близок пријател е со претседателот на УФЦ, Дејна Вајт. Фановите на овој спорт тој ги смета за дел од неговата политичка база.

„Ќе имаме УФЦ борба, замислете, на теренот кај Белата куќа“, рече Трамп. „Имаме многу земја таму. Ќе изградиме мала арена. Не ние, Дејна ќе го направи тоа… Ќе имаме борба за титула, целосна борба, за 20-25.000 луѓе, и ќе биде дел од прославите за 250 години“.

За време на едночасовниот говор во кој постојано менуваше теми, се слушна силен звук во далечина. Годишнината од обидот за атентат врз него во Батлер, Пенсилванија, е за само 10 дена. „Само огномет, се надевам“, рече тој. „Познати последни зборови“, додаде.

За разлика од минатата година, Трамп овојпат зборуваше зад дебело блиндирано стакло. „Секогаш мора да размислувате позитивно. И мене не ми се допадна тој звук“, рече тој.

Митингот заврши со песната „YMCA“ и огномет. И покрај големата жештина, поддржувачите на Трамп си заминаа задоволни од неговата последна серија победи, особено од тоа што „Еден голем, прекрасен закон“ беше конечно изгласан.

Реј Симен, 52-годишен вработен во гасна компанија, рече: „Не можев да поверувам. Синоќа гледав и си помислив: ‘Не знам дали ќе го изгласаат ова или не’, но драго ми е што го направија. Не сум го прочитал целиот, но многу нешта што ја држеа Америка врзана можеби ќе се укинат“.

Трој Ректор, 53-годишен државен договорен работник, призна дека законот е контроверзен: „Имаше некои работи во него што, без разлика на политичката страна, на многу луѓе нема да им се допаднат. Но, поголемиот дел од законот ќе ѝ помогне на цела Америка“.

Мишел Кун, 57-годишна психотерапевтка, додаде: „Имав измешани чувства за овој закон, но ми е мило што помина за да можеме да ги задржиме даночните намалувања. Порано работев во социјална служба и гледав како недокументирани луѓе добиваат бесплатна здравствена заштита која јас и други Американци не ја добивавме. Тоа беше тешко за гледање, па идејата дека дел од тоа ќе се намали ми звучи добро“.

Зачлени се на нашиот е-билтен