Во првиот ден од неговото претседателство (инаугурацијата е закажана за 20 јануари) републиканецот Доналд Трамп ќе преземе „неколку извршни мерки “ насочени кон зајакнување на имиграциската контрола и кратење на мерките на актуелниот претседател Џо Бајден за легален влез на имигранти, јавија денеска дел од американските медиуми.
Ваквите мерки ќе овозможат поголеми овластувања на службениците на Федералната имиграциска служба за апсење на лица без криминално досие, распоредување на војска на американско-мексиканската граница и обнова на изградбата на ѕидот.
Изградбата на металниот ѕид на границата меѓу САД и Мексико беше една од главните точки на политиката на Трамп за време на неговиот прв претседателски мандат (2016–2021). Изградбата започна во 2018 година. Бајден, кој дојде на местот на Трамп, ја стопираше градбата но есента 2023 година ја обнови.
Се дознава и дека Трамп исто така ќе ги укине хуманитарните програми на Бајден според кои мигрантите имаа легален влез во САД, што може да ги поттикне оние со истечени дозволи да ја напуштат земјата. Меѓу приоритетните категории можат да се вклучат странски студенти кои ја поддржуваат палестинската исламистичка група Хамас и кои ги прекршиле условите на студентските визи. Имиграциската служба ќе може да користи и воени хеликоптери за депортација и да побара помош од други агенции.
Според неименувани извори се дознава дека Трамп планира да испрати војници на Националната гарда на границата и да прогласи вонредна состојба во земјата поради нелегалната имиграција, за да ослободи средства за изградба на граничниот ѕид. Приоритет може да биде изградбата на делница во сојузната држава Аризона, каде што гувернерот Кети Хобс (демократка) се противи на принудни мерки против мигрантите.
Се очекува Трамп да започне преговори со Мексико за враќање на неговата програма „Остани во Мексико“, според која лицата што не се државјани на Мексико а бараат азил, да останат во земјата додека не бидат разгледани нивните случаи во САД.
Според проценките на Министерството за домашна безбедност на САД, во 2022 година во земјата имало 11 милиони мигранти без легален статус, а оваа бројка досега можеби е зголемена.
Associated Press потсети дека Трамп вети дека на првиот ден од своето претседателство ќе покрене „најмасовна програма за депортација во историјата на Америка, за да се отстранат криминалците“. Републиканецот изјави дека има за цел да протера 15–20 милиони нелегални мигранти. Тој изјави дека „ќе го спаси секој град и село“ во кое има мигранти што го прекршуваат законот.
-Ќе ги исфрлиме од нашата земја што е можно побрзо, рече Трамп.
The Wall Street Journal во мај објави дека советниците и поддржувачите на Трамп составуваат детални планови без преседан за сузбивање на имиграцијата. Меѓу предложените мерки се и забрзување на рочиштата за добивање азил, за да можат побрзо да се депортираат барателите, како и укинување на заштитата од депортација за стотици илјади мигранти, дадена од администрацијата на Бајден.
Трамп вчера го назначи за „цар на границата“ Томас Хоман, поранешен директор на имиграционо-царинската служба. Тој ќе биде одговорен за надгледување на имиграцијата, безбедноста на морето и воздухопловните рути и депортацијата на нелегалните мигранти во нивните матични земји.
Борис Камчев од Вашингтон, специјално за Рацин.мк