Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Трамп објави лажни фотографии за да сугерира дека фановите на Тејлор Свифт го поддржуваат за претседател

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи објави лажни фотографии од поп-ѕвездата Тејлор Свифт, барајќи од луѓето да гласаат за него на изборите во ноември.

Доналд Трамп се обидува да ги придобие „Свифти“ (како што се нарекуваат обожавателите на Тејлор Свифт).

Во неделата, тој објави неколку фотографии генерирани со вештачка интелигенција на социјалната мрежа Вистина (Truth Social), а кои сугерираат дека го поддржуваат обожавателите на Тејлор Свифт. Фотографиите прикажуваат низа жени кои носат маички „Свифти за Трамп“, а на едната е прикажан лик кој наликува на Тејлор Свифт, облечена во црвено, бело и сино со натпис: „Тејлор Свифт сака да гласате за Трамп“, го пренесува Танјуг пишувањето на Ројтерс.

„Прифаќам“, напиша Трамп.

Фото: Принтскрин / Truth

„Свифти се вртат кон Трамп откако ИСИС го уништи концертот на Тејлор Свифт“, гласи описот на друга фотографија, алудирајќи на откажаните концерти на поп-пејачката во Виена.

Инаку, Свифт во неколку наврати ги критикуваше Трамп и републиканците, па многумина веднаш сфатија дека овој потег е лажен, односно генериран од вештачката интелигенција.

За разлика од ова, навистина постои движење поддршка на „Свифти“ за неговата противкандидатка Камала Харис „Свифти за Камала“. И самата Свифт ја поддржуваше Камала Харис во минатото. Сепак, таа сè уште јавно не се определила за кандидатот на овогодинешните американски избори.

Свифт, која не беше политички ориентирана во првата деценија од својата кариера, во последните години беше гласен поддржувач на демократските кандидати и политика. Таа ја поддржува ЛГБТК заедницата и често зборува за правата на жените и репродуктивното здравје.

Во својот документарен филм од 2020 година, „Мис Американа“ (Miss Americana), Свифт изрази жалење што порано не проговорила за своите политички определби.

– Морам да бидам на вистинската страна на историјата – му рекла таа на својот татко во една сцена.

Во друга сцена, таа ѝ вели на својата ПР-менаџерка дека не ѝ е грижа дали ќе се соочи со негативни реакции поради тоа што зборува против Трамп.

– Не ми е грижа. Ако добијам лош публицитет затоа што реков: „Не избирајте хомофобичен расист“, тогаш во ред – рекла Свифт.

Самиот Трамп во едно интервју заклучи дека Свифт „најверојатно не го сака“.

Инаку, според „Форбс“, Свифт е политички највлијателната артистка во историјата. Многу новинари сметаат дека би можела директно да влијае на исходот на претстојните претседателски избори во САД. Кога во 2018 година објави повик до младите Американци да се регистрираат за гласање, за само 48 часа беа регистрирани повеќе од 169.000 пријави. Американските новинари тоа го нарекоа „ефектот на Тејлор Свифт“.

Преземено од Слободен печат

Најново