Трамп објавил повеќе од 200 објави на Truth Social откако почнаа нападите врз Иран – помалку од 20 отсто биле за војната

Трамп

Трамп објавил повеќе од 200 објави на Truth Social откако почнаа нападите врз Иран, но помалку од 20 отсто од нив се однесувале на самата војна, покажува анализа што ја објави „Индепендент“, повикувајќи се на податоци на „Вашингтон пост“. Според тие податоци, американскиот претседател од 28 февруари наваму споделил 215 објави, а поголемиот дел од нив биле насочени кон домашни политички теми, напади врз противници и сопствена политичка промоција, наместо кон објаснување на воената операција.

Во истиот период, додека американско-израелските напади врз Иран влегоа во деветти ден, Трамп на својата платформа продолжил да зборува за наводи за изборни измами, за својот проект за сала вредна 400 милиони долари и за законската иницијатива „Save America Act“. Токму тоа, според написот, отвора прашање дали Белата куќа вложува доволно јавен политички напор за да ја објасни војната и нејзината цена пред американската јавност.

Објавата доаѓа во момент кога Белата куќа веќе се соочува со критики поради променливото и нецелосно образложување за тоа зошто Иран претставувал непосредна закана што бара воена интервенција. Во меѓувреме, анкетата на Marist Poll објавена на 6 март покажува дека 56 отсто од Американците се против американска воена акција во Иран, а 44 отсто ја поддржуваат, што сугерира дека војната веќе влегува и во внатрешнополитичката пресметка во САД.

Зачлени се на нашиот е-билтен