„Како можевте да го казнувате Маск?“ – со ова речиси неверување Доналд Трамп им се обрати на новинарите во Белата куќа, коментирајќи ја одлуката на Европската Унија да ја казни социјалната мрежа „Икс“ (X) на Илон Маск со 120 милиони евра. Според него, Европа „се движи во многу лоша насока“ и испраќа погрешен сигнал не само до Маск, туку и до целиот технолошки бизнис.
Казната, донесена на 5 декември од европските регулатори, е образложена како санкција за прекршување на правилата за транспарентност во онлајн содржините: „Икс“ нелегално доделувал сини ознаки на корисници, криел податоци од истражувачите и не ги документирал на јасен начин рекламите објавени на платформата. Од Брисел уверуваат дека висината на казната е „строго пропорционална на прекршувањето“ и дека се работи за спроведување на новите правила за дигиталниот пазар, а не за политички прогон на Маск.
Трамп, меѓутоа, ја чита приказната поинаку. За него, ударот врз „Икс“ е уште еден пример на „преголемата бирократија“ и непредвидливост на ЕУ кон големите приватни компании. „Не знам како можат тоа да го прават. Европа мора да биде многу внимателна“, порача тој, додавајќи дека очекува детален извештај за случајот. Притоа нагласи дека Маск не му се јавил, ниту побарал помош – но и без директно барање, Трамп очигледно е подготвен да влезе во улога на негов најгласен адвокат.
Во сржта на спорот стои судирот меѓу европскиот модел на регулација и американскиот политички инстинкт на Трамп. Од една страна, Брисел се обидува да постави строги правила за платформите што ги обликуваат јавната дебата – со фокус на транспарентност, одговорност и контрола над дезинформациите. Од друга страна, Трамп гледа технолошки претприемачи како Маск како симбол на „слободното претприемништво“ и често ги става во ист кош со сопствената антиестаблишмент политика. Кога ЕУ казнува платформа, тој тоа го чита како идеолошки напад, а не како регулаторен чекор.
На истата прес-конференција, Трамп ја искористи темата за да испрати уште две пораки – овој пат со директни економски последици. Најави можни високи царини за увоз на вештачки ѓубрива од Канада, доколку, како што рече, тоа биде неопходно за да се стимулираат домашните производители. „Многу од нив доаѓаат од Канада и ние ќе им наметнеме високи царини, ако е потребно“, порача тој, повторувајќи ја својата стара формула: заштита на американските земјоделци преку притисок врз партнерите.
Мексико, пак, се најде на удар поради стар, но нерешен спор – договорот за споделување на водата. Трамп го обвини јужниот сосед дека не ги исполнува своите обврски и се закани со дополнителни пет проценти царини ако владата во Мексико Сити не одговори на „американските барања“. „Тоа ќе биде многу нефер кон нашите земјоделци кои ја заслужуваат оваа толку потребна вода“, напиша тој на својата мрежа „Трут Соушл“.

