Трамп: САД и Индија постигнаа трговски договор, Моди вети дека ќе купува американска нафта

Според изјавите на Трамп, Индија се обврзала да ги намали своите тарифи и нетарифни бариери за американските производи на нула, како и значително да го зголеми купувањето на американски стоки како дел од политиката „Купувајте американско“.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес објави дека разговарал со индискиот премиер Нарендра Моди, наведувајќи дека е постигнат трговски договор меѓу двете земји и дека Индија се согласила да престане да купува руска нафта.

„Од пријателство и почит кон премиерот Моди и на негово барање, со стапување на сила веднаш, се согласивме за трговски договор меѓу Соединетите Американски Држави и Индија, со кој Соединетите Американски Држави ќе наплаќаат намалена реципрочна царина, намалувајќи ја од 25 проценти на 18 проценти“, рече Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Американскиот претседател напиша и дека една од темите на разговорот била војната во Украина и дека, во овој поглед, Моди се согласил Индија да престане да купува руска нафта и да го зголеми увозот на енергетски производи од Соединетите Американски Држави, а потенцијално и од Венецуела, што, според него, би можело да придонесе за завршување на војната во Украина.

Според изјавите на Трамп, Индија се обврзала да ги намали своите тарифи и нетарифни бариери за американските производи на нула, како и значително да го зголеми купувањето на американски стоки како дел од политиката „Купувајте американско“.

Трамп додаде дека станува збор за купување на американски енергетски, технолошки, земјоделски и други производи во вредност од повеќе од 500 милијарди долари.

Тој процени дека односите меѓу САД и Индија ќе бидат дополнително зајакнати во наредниот период, нагласувајќи дека тој и премиерот Моди „постигнуваат резултати“.

Зачлени се на нашиот е-билтен