Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека неговата администрација „веројатно“ ќе го врати историското име на Пентагон – Министерство за Војна – наместо сегашното Министерство за одбрана. Изјавата ја даде на 25 август 2025 во Вашингтон, прво во контекст на состанок со секретарот за одбрана Пит Хегсет, а потоа и на брифинг со јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјонг. Трамп рече дека новиот назив може да биде формализиран за „околу една недела“.
Трамп и Хегсет тврдат дека историското име подобро ја отсликува „офанзивната“ доктрина и „воинскиот етос“ на американската војска. Хегсет во изминатите месеци јавно тераше дебата за промената, вклучително и неформална анкета на социјалните мрежи.
Иако претседателот сугерира дека ребрендирањето е неизбежно, правните експерти и дел од медиумите укажуваат дека официјалната промена на името би барала акт на Конгресот, затоа што структурата и називот на ресорот се утврдени со закон по Втората светска војна.
Американското Министерство за војна постоело од 1789 до 1947 година, кога со Законот за национална безбедност е создадено Национално воено уредување (National Military Establishment), а во 1949 е преименувано во Министерство за одбрана (Department of Defense) односно под неформалното име Пентагон. Целта на промената била централизација на цивилната контрола врз Армијата, Морнарицата и новоформираните Воздухопловни сили.