Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Аксиос“ изјави дека очекува следната рунда разговори меѓу САД и Иран да се одржи во текот на следната недела.
„Или ќе склучиме договор, или ќе направиме нешто многу тешко како минатиот пат“, истакна Трамп.
Тој додаде дека размислува да испрати втора група носачи на авиони кон брегот на Иран. „Имаме армада што оди таму, а би можеле да испратиме уште една“, рече претседателот.
Неименуван функционер на американската влада потврди дека се водат дискусии во рамките на администрацијата за евентуално преместување на дополнителна група носачи на авиони во регионот.
Во меѓувреме, Трамп изрази оптимизам во врска со дипломатскиот пат за решавање на разликите меѓу Вашингтон и Техеран и повтори дека, според него, Иран сака да склучи договор.
Според претседателот, иранските власти сега се посериозни отколку за време на преговорите пред американскиот напад врз Иран во јуни 2025 година. Трамп додаде дека покрај нуклеарната програма, веројатно ќе се реши и прашањето за иранските балистички ракети.
Иран негира дека преговара со САД за да купи време
Трамп, исто така, ја спомена посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон во среда. Нетанјаху лично ќе му поднесе извештај на Трамп за нуклеарната програма на Иран, а средбата ќе се одржи еден на еден во Белата куќа.
Ова ќе биде седмата средба меѓу Трамп и Нетанјаху откако претседателот се врати во Белата куќа. Трамп истакна дека израелскиот премиер не е загрижен за разговорите меѓу САД и Иран. „И тој сака договор. Тој сака добар договор“, додаде претседателот.