Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Трамп се поблиску до претседателската номинација

 Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата поранешна амбасадорка во ОН, Ники Хејли денеска се соочуваат со републиканските прелиминарни избори во Њу Хемпшир, гласање што може да биде одлучувачко во трката за Белата куќа помеѓу конзервативците.

Иако Хејли го доведе во прашање неговиот ментален капацитет и предупреди дека уште еден мандат на Трамп ќе донесе „хаос“, анкетите покажуваат дека нејзината кандидатура не може да го попречи патот на Трамп низ Њу Хемпшир до Белата куќа.

– Ако сакате кандидат за губитник кој ќе ја стави Америка на последно место, гласајте за Ники Хејли. Но, ако сакате претседател кој секој пат ја става Америка на прво место, ќе гласате за Доналд Џеј Трамп, наведе поранешниот претседател на митинг во Лаконија.

Трамп води пред Ники Хејли со речиси 20 процентни поени во анкетите пред вториот републикански прелиминарни избори.

На Њу Хемпшир се гледа како на електоратот попријателски настроен кон Хејли од кој било со кој ќе се соочи подоцна, така што нејзината иднина на следните првични избори ќе биде понеизвесна без победа или тесен пораз во Њу Хемпшир.

Трамп (77) победи на републиканските прелиминарни избори во Ајова минатата недела со убедлива победа, а Хејли беше трета.

Сè уште не се случило републикански аспирант за Белата куќа, кој победил на двата прелиминарни избори, да не ја добие и републиканската номинација за претседателските избори во САД. 

Зачлени се на нашиот е-билтен