Политичките партии во Гренланд остро и обединето одговорија на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повторно порача дека САД ќе преземат чекори за преземање контрола врз овој стратешки арктички остров – „милом или со сила“.
„Не сакаме да бидеме Американци, не сакаме да бидеме Данци – сакаме да бидеме Гренланѓани“, се наведува во заедничката изјава што ја потпишаа пет политички партии застапени во гренландскиот парламент Инатсисартут.
Партиите ги повикаа Соединетите Американски Држави да престанат со, како што наведуваат, „покажувањето непочит кон Гренланд“ и нагласија дека единствено гренландскиот народ има право да одлучува за иднината на островот.
Трамп во четвртокот повторно ги засили своите претензии, тврдејќи дека САД мора да дејствуваат за да спречат Русија или Кина да воспостават контрола врз Гренланд, кој го оцени како клучен за националната безбедност на Вашингтон.
„Би сакал да постигнеме договор на полесен начин, но ако тоа не се случи – ќе го направиме тоа на потешкиот начин“, изјави Трамп пред новинарите на настан во Белата куќа, додавајќи дека САД „ќе направат нешто“ околу Гренланд, без разлика дали тоа им се допаѓа на другите или не.
Тој отворено предупреди дека доколку Вашингтон не дејствува, Русија или Кина би можеле да го преземат островот, што, според него, САД не смеат да го дозволат.
Изјавите на Трамп предизвикаа сериозна загриженост, бидејќи тој не ја исклучи можноста за употреба на воена или економска принуда. Гренланд, кој формално припаѓа на Данска – членка на НАТО, има околу 57.000 жители и е во голем дел покриен со мраз, но има огромно геостратешко значење.
Данската влада остро ги отфрли ваквите ставови. Премиерката Мете Фредериксен предупреди дека евентуален американски напад или присилно преземање на Гренланд би значело крај на НАТО и уривање на безбедносниот поредок воспоставен по Втората светска војна.