Трамп во Давос го лансира „Одборот за мир“: 1 милијарда за трајно членство

Американскиот претседател Доналд Трамп во Давос потпиша повелба со која формално го стартуваше неговиот „Одбор за мир“ (Board of Peace), иницијатива што ја претстави како нов глобален механизам за решавање конфликти, со амбиција да се прошири далеку над првичната рамка поврзана со Газа. На церемонијата, Трамп порача дека „ќе има мир во светот“ и ја претвори настанот во политичка демонстрација на нова надворешнополитичка архитектура, во која САД се поставуваат како централна точка на „мировното посредување“.

Одборот, според Еуроњуз, потекнува од 20-точковниот план за прекин на огнот во Газа, кој добил поддршка во Советот за безбедност на ОН, но денес веќе се продава како платформа за „пошироки светски кризи“. Државниот секретар Марко Рубио ја нагласи „акциската“ природа на телото и рече дека првата и најважна задача е договорот за Газа да стане „траен“, а потоа Одборот може да „погледне и на други места“.

Клучниот детал што ја отвори најголемата дебата е начинот на членување: според повелбата што ја виделе повеќе медиуми, земјите добиваат мандат од три години, но за трајно членство се предвидува придонес од 1 милијарда долари. Во истата рамка, Еуроњуз наведува дека Трамп е предвиден како „постојан претседавач“ на Одборот, дури и по напуштање на функцијата, што дополнително ја засилува перцепцијата дека станува збор за структура со силно персонализирана моќ. Reuters, пак, посочува дека на претседавачот му се даваат ширoки извршни овластувања, меѓу кои вето и можност за отстранување членови, со одредени ограничувања.

На сцената во Давос Трамп беше опкружен со лидери од дел од основачките земји, меѓу кои Еуроњуз ги споменува аргентинскиот претседател Хавиер Милеј и унгарскиот премиер Виктор Орбан, а самиот американски претседател тврдеше дека неговата администрација „решила осум војни“ и дека има „голем напредок“ и околу Украина. Според Reuters, меѓу државите што досега се изјасниле дека прифаќаат членство има низа блискоисточни партнери (Израел, Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин, Јордан, Катар и Египет), како и Турција и Унгарија, но и Косово, Индонезија, Пакистан, Узбекистан, Казахстан, Парагвај и Виетнам, додека Белорусија ја прифатила поканата – потег што на Запад се чита како сигнал за „затоплување“ со режими со проблематични демократски стандарди.

Токму составот и политичката логика зад поканите ја објаснуваат воздржаноста на дел од европските сојузници. Еуроњуз наведува дека Норвешка, Шведска и Франција одбиле, а Словенија испратила порака дека „времето сè уште не дошло“, поради грижи дека мандатот е премногу широк и може да го поткопа меѓународниот поредок заснован на Повелбата на ОН. Reuters дополнува дека Франција, меѓу другото, стравува од сценарио во кое Одборот би се претставил како замена за Обединетите нации, а Италија јавно проблематизираше уставни пречки за членување во тело предводено од лидер на друга држава.

Дилемата станува уште потешка поради поканата до Русија. Еуроњуз пишува дека Трамп ја бранеше одлуката да го покани Владимир Путин, со образложение дека сака „моќни луѓе“ што „можат да ја завршат работата“, но додава дека Лондон одби да потпише токму поради таа покана. Reuters наведува дека Москва сè уште не соопштила дали ќе се приклучи, а Украина отворено навестува дека тешко може да замисли „одбор со Русија“ по четири години војна.

На правен план, документите оставаат простор за различни толкувања и токму таму е најголемата „сива зона“. Reuters наведува дека Советот за безбедност на ОН во ноември му дал мандат на Одборот, но само до 2027 година и исклучиво за Газа, со обврска да известува на секои шест месеци и со можност да распоредува привремена „Меѓународна стабилизациска сила“ во Газа, додека надвор од таа рамка останува нејасно каква правна тежина ќе има телото и кои механизми на спроведување би ги имало.

Со други зборови, на сцената во Давос се продава „глобален мир“, но во документите засега најјасно се гледаат две работи: силна централизација на одлучувањето и модел на членство што лесно се чита како „мир со членарина“, во момент кога Европа се обидува да ја закочи идејата дека нови паралелни структури смеат да го заменат системот на ОН.

Зачлени се на нашиот е-билтен