Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Трамп во Мекдоналдс, Харис во црква, со фокус на седумте клучни и колебливи држави

Во пресрет на 5 ноември, кампањата за претседателските избори кулминира и двајцата кандидати сега се фокусираат само на седумте колебливи држави каде најверојатно ќе се решава исходот од изборите за претседател на САД.

Кандидатот на демократите – потпретседателката Камала Харис – и кандидатот на републиканците – поранешниот претседател Доналд Трамп – ги насочија своите напори речиси исклучиво кон Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Северна Каролина, Џорџија, Аризона и Невада.

Некои од нив како Пенсилванија и Северна Каролина даваат значен број на гласови во електоралниот колеџ, некои пак се екстремно непредвидливи со „променливи“ гласачи кои историски во разни избори гласале различно, за републиканец или за демократ. Затоа овие држави се нарекуваат и swing states.

Според Лабораторијата за избори при Универзитетот на Флорида, повеќе од 14 милиони луѓе веќе гласле предвремено, и уште поголем број ќе го направат тоа во наредните денови; речиси во сите 50 држави на земјата се отворени избирачки места за предвремено гласање и примаат гласачки ливчиња по пошта.

Според националните анкети, сегашната претседателска трка е една од најтесните во последните децении. Рејтингот на кандидатите е драматично израмнет со мала предност на Харис.

Да потсетиме, резултатите од претседателските избори во САД не се одредуваат со општо гласање и броење на гласовите на национално ниво, туку со гласање на избирачкиот колегиум (електорален колеџ), во кој 48 од 50 држави ги доделуваат сите свои електорални гласови на победникот во нивната држава, додека Небраска и Мејн ги даваат гласовите според резултатите од гласањето како на државно, така и на ниво на конгресни окрузи.

Бројот на гласови на изборните делегати во секоја држава зависи од бројноста на популацијата, така што најбројните држави имаат најголема тежина во одредување на националниот резултат. На победникот му се потребни 270 од 538 гласа од електоралниот колеџ за да влезе во Белата куќа и од јануари да започне четиригодишен мандат.

Анкетитете покажуваат дека и Харис, и Трамп имаат значајна или доволна предност во 43 држави. Ако во една од овие држави не се случи ништо неочекувано, исходот на изборите ќе зависи од преостанатите седум „свинг“ држави – три северни (Висконсин, Мичиген и Пенсилванија), две југоисточни (Северна Каролина и Џорџија) и две југозападни (Аризона и Невада). Резултатите од анкетите во овие седум држави се во маргина на статистичка грешка, со што исходот од изборите е драматично неизвесен во сите седум.

Затоа и Харис, и Трамп, како и кандидатите за потпретседател – гувернерот на Минесота Тим Волц од демократите и сенаторот од Охајо Џеј Ди Венс од републиканците – го насочуваат своето внимание главно на овие седум клучни држави.

Харис вчера одбележа својот 60-ти роденден, настапувајќи во мисионерската баптистичка црква „Ново раѓање“ во Стоункрест, Џорџија, околу 50 километри источно од Атланта, главниот град на државата и демократско упориште.

Потоа, таа се упати кон Divine Faith Ministries International во Џонсборо, јужно од Атланта, каде ги повика верниците да го искористат своето право на глас. Подоцна нејзиниот план предвидуваше да сними интервју со лидерот на движењето за граѓански права Ел Шарптон.

Во меѓувреме, Трамп посети ресторан за брза храна McDonald’s во Пенсилванија. Тој работеше во кујната, каде што се подготвува помфрит, и ги предаваше нарачките на посетителите. Харис претходно изјави дека за време на студиите работела во еден од рестораните на McDonald’s во Калифорнија. Трамп во свој стил рече дека не верува на нејзината приказна. Пријателка на Харис во интервју за The New York Times изјави дека се сеќава како таа работела во McDonald’s.

По посетата на ресторанот, Трамп рече дека „сега работел 15 минути“ подолго од Харис.

Подоцна истиот ден, тој планираше да се сретне со избирачите во Ланкастер, Пенсилванија.  Харис денеска одржува предизборна кампања во Пенсилванија, Мичиген и Висконсин, а Трамп ќе отпатува во Гринвил, Северна Каролина. 

Од Вашингтон за Рацин.мк Борис Камчев

Зачлени се на нашиот е-билтен