Доналд Трамп ја задржува својата доминантна позиција во трката за републиканска претседателска номинација за изборите во 2024 година, привлекувајќи поддршка од повеќе од половина од гласачите на партијата, според анкетата на Ројтерс/Ипсос спроведена вчера, пренесе БТА.
Истражувањето покажа дека 61 отсто од републиканците изјавиле дека ќе гласаат за поранешниот американски претседател на прелиминарните избори на Републиканската партија. Ниту еден од ривалите на Трамп не му се доближува според рејтингот.
Гувернерот на Флорида Рон ДеСантис и поранешната гувернерка на Јужна Каролина Ники Хејли се поддржани од 11 отсто од републиканците. Претприемачот Вивек Рамасвами е поддржан од пет посто, а поранешниот гувернер на Њу Џерси Крис Кристи добива два отсто. Осум проценти од републиканците велат дека се неодлучни за кого ќе гласаат.
Прелиминарните избори почнуваат на 15 јануари во американската сојузна држава Ајова.