Трамп ѝ се закани на Канада со царини од 100% доколку склучи трговски договор со Кина

Американскиот претседател Доналд Трамп упати остра закана кон Канада, најавувајќи воведување на царини од 100 проценти за целиот канадски увоз во САД, доколку Отава продолжи со склучување трговски договори со Кина.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп порача дека канадскиот премиер Марк Карни прави сериозна грешка доколку смета дека Канада може да стане „транзитна порта“ за кинеските производи кон американскиот пазар. Тој дури го нарече Карни „гувернер“, алудирајќи на неговата честа реторика за економска зависност на Канада од САД.

„Ако тоа се случи, Кина ќе ја проголта Канада – ќе ги уништи нејзините бизниси, општественото ткиво и начинот на живот“, напиша Трамп.

Изјавата доаѓа откако канадскиот премиер Карни потпиша договор со кинескиот претседател Си Џинпинг за олеснување на трговијата, со кој се предвидува намалување на царините за електрични возила, земјоделски производи и други стратешки сектори.

Договорот беше постигнат за време на посетата на Карни на Пекинг – прва посета на канадски премиер на Кина по осум години. По средбата со Си, Карни изјави дека новото партнерство треба да се темели на дијалог и соработка, посочувајќи ги земјоделството, енергетиката и финансискиот сектор како области со најголем потенцијал за заеднички напредок.

Заканата на Трамп отвора ново поглавје во трговските тензии меѓу Вашингтон, Пекинг и Отава, со можни сериозни последици за северноамериканската економија доколку најавените мерки навистина стапат на сила.

Зачлени се на нашиот е-билтен