Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тренчевска: Мал е бројот на жени во ИТ-секторот, не се поштедени од дискриминација, ниту од сајбер насилството

Жените во ИТ-секторот не се поштедени од дискриминација, ниту од сајбер насилството, и сето ова влијае на менталното здравје на сите жени и девојки вработени во овој сектор, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на дискусијата на тема „Дискриминација сокриена во екранот – еднаква плата и вознемирување на жени од ИТ“.

Во државава, како што сподели, има околу две илјади ИТ-компании, жените се само 27 проценти од работната сила, а на раководни позиции се само 12 проценти, што зборува дека за жал се уште ИТ секторот се смета за доминанто машка професија.

-Имаме заедничка обврска да се бориме против кршењето на човековите права врз жената и ако во едно општество сакаме да зборуваме за еднакви можности на жените и мажите и општество кое ги почитува подеднакво правата на сите граѓани мора да се спротивставиме и на родово базираното насилство, истакна Тренчевска.

Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерскo инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје Боро Јакимовски информира дека факултетот бележи пстојан раст на интересот на запишување на девојчиња.

-Во поглед на дипломирањето, девојките се поупорни, бројот на дипломирани девојки е скоро 45 проценти во првиот циклус на студии што кажува дека навистина Факултетот на пазарот на трудот проиизведува кадар во рамноправен поглед, рече Јакимовски.

Од неговите сознанија, компаниите воопшто не разликуваат, клучни се вештините и воопшто не се гледа на родовата припадност.

Министерството за труд и социјална политика месец март го посвети на родовата еднаквост, на правата на жените преку националната кампања „Гласна и храбра“. Целта е да се зборува за сите предизвици и сето тоа со кое жените се соочуваат, како и искуствата кои ќе им послужат за креирање на политики кои ќе го подобрат квалитетот на живот на сите жени во државата. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен