„Чувство на одговорност немате, чувство за поддршка и помош немате, а одговорно излегувате арогантно да забранувате да се зборува за најголемата трагедија што ѝ се случила на Македонија. Тоа е навистина безобразно, навистина срамно. Таа забрана за зборување и забрана за пристап на медиумите ја покажува вашата ароганција и покажува дека единствено на што сте спремни е да си го зачувате рејтингот“, нагласи Тренчевска.
Тренчевска додаде дека доколку власта водеше барем малку грижа немаше да го блокира предлог-законот за настраданите во Кочани и ќе го прифатеше овој амандман што ветува поддршка и помош за настраданите и нивните семејства.
„Шеесет и два млади животи згаснаа за миг, една школска генерација во едно населено место ја снема. 200 повредени, од кои најголем дел со траен инвалидитет, а вие зборувате дека она што СДСМ и коалиционите партнери го предлагаат во форма на предлог-закон и сега со амандмани, е квази политика. Вашето е квази политика, затоа што, 30 милиони денари имавте во буџетот за настраданите во Кочани“, нагласи Тренчевска додавајќи дека сето она што е дадено на семејствата и на повредените е направено од Црвениот крст и од Супорт Кочани, а не е направено од владата, не е направено од буџетот на државата.
Тренчевска нагласи дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа невидена ароганција, покажа негрижа за настраданите и за семејствата од Кочани.
„Семејствата бараат правда, бараат поддршка, бараат помош. Во овој момент им е потребна правда, меѓутоа им е потребна и финансиска помош и поддршка. Меѓутоа, тоа вас не ви е приоритет. За вас, Кочани и семејствата на настраданите не се приоритет“, нагласи Тренчевска.