Потпретседателката и пратеничката на Совијалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, во интервју нагласи дека резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која вчера беше изгласана во Собранието е антидемократска и обид за политичка пресметка со опозицијата. Тренчевска, истакна дека власта користејќи дезинформации сака да ја замолчи СДСМ, а да ја сокрие својата неспособност.
„Имаме една власт која од што нема резултати од својата работа е насочена исклучиво кон опозицијата. СДСМ ја кажува вистината за штетноста на тој дел од договорот со Велика Британија за безбедноста на државата“, рече Тренчевска за ТВ Сител.
Таа додаде дека во ниту еден дел од резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ нема конкретно објаснување и детали од договорот со Велика Британија, што уште повеќе го зголемува сомнежот за тајни договори што ги води власта.
„Каде во резолуцијата е споменат договорот со Велика Британија? Резолуцијата е само за осуда на опозицијата. Во храмот на демократијата во Собранието се носи резолуција со која се осудува опозицијата или едноставно кажано се замолчува, за да не ги кажува сите негативности на власта, се она што власта го крие. На што да се спротиставиме во парламентот, на резолуција којашто не и е местото во парламентот, којашто е противуставна резолуција, којашто вели опозицијата да седи лево во на столчињата и да молчи“, рече Тренчевска.
Притоа Тренчевска потенцираше дека Македонија ќе биде доведена во ситуација да прими мигранти кои нема да поминат безбедносни проверки, со што ќе се загрози безбедноста на државата.
„Ќе бидеме во ситуација да ни донесат луѓе коишто не нема да ги поминат безбедносните проценки. Да направиме дистинкција помеѓу мигранти и луѓе кои побарале азил во одредена европска држава или во Велика Британија и не го добиле азилот од други причини и треба да бидат донесени во Република Македонија. Ако биле добри, зошто не останале во Велика Британија, зошто не им дале азил? Барањето за азил им е одбиено“, рече Тренчевска.
Говорејќи за погрешните политики на власта, во интервјуто Тренчевска посочи дека СДСМ ќе продолжи јавно да ги објавува коруптивните скандали на ВМРО-ДПМНЕ.
„Секојдневно на платформата ни пристигнуваат нови документи за коруптивни скандали, за семејно-партиски тендерски мрежи и преку прес-конференциите ќе ја запознаваме јавноста.Пред се тоа е во интерес на државата, и ова објавување на сите криминали и корупцијата ќе помогне во борбата против корупцијата “, истакна Тренчевска.