Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тренчевска: Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција се два различни закони, не треба да се мешаат

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во вчерашното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ 21 зборуваше за неколку актуелни теми, како Законот за родова еднаквост и шпекулациите во јавноста околу него, за состојбата со семејното насилство во државата и механизмите за негово спречување и заштита, како и измените на Законот за работни односи предложени од страна на пратеници во Собранието, кои се однесуваат на потребата од работно време подолго од 8 часа.

Министерката Тренчевска ја информираше јавноста за целта и значењето Предлог законот за родова еднаквост со цел расчистување на дилемите поради неговата погрешна интерпретација која настана во јавноста.

„Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција се два различни закони, а во јавноста дојде до нивно спојување и мешање. Законот за матична евиденција е повлечен од процедура затоа што треба да се направат зајакнати заштитни механизми, за да не се злоупотреби и се однесува на чувството на индивидуата. Додека пак Законот за родова еднаквост за кој во тек се јавни дебати, јасно дефинира што е пол, а што род. Законот ќе донесе зајакнати механизми на локално и национално ниво, со назначени координатори кои ќе работат на унапредување на еднаквите можности на жените и мажите. Втора работа е родова интеграција, воспоставуваме програми и политики кои се родово сензитивни и воспоставување на Секретаријатот за родова еднаквост низ кој ќе поминуваат сите документи, програми и договори и ќе се внимава особено на тоа дали постои дискриминација и без позитивно мислење нема да можат да поминат на Влада,” истакна Тренчевска.

На тема семејно насилство и состојбата во државата, министерката Тренчевска ги изнесе последните податоци за пријавени случаи, но посочи и дека, тие не се вистинската слика за состојбата во државата. Таа го нагласи значењето за подигање на свеста за препознавање на насилството, негово пријавување и механизмите кои ги употребуваат институциите задолжени за негово сузбивање и заштита.
„Согласно податоците за пријавени случаи на семејно насилство, од 30 Центри на ниво на држава, евидентирани за 2022 година се: 1543 жртви, од кои 1074жени и 252 мажи и 227 деца. Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство го уредува постапувањето на институциите со должно внимание и следуваат казни за стручните лица доколку не постапат соодветно. Истовремено работиме и со жртвата и со насилникот, за да не дојде до повторување на делото,” посочи Тренчевска.

Министерката Тренчевска зборуваше и за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д од страна на американско -турскиот конзорциум „Бехтел и Енка”, поточно за прекувремената работа на работниците кои ќе работат на него. Притоа, таа појасни дека е шпекулација дека се работи за работно време од 60 часа. Како и дека не значи дека сите работници на Коридорите ќе работат прекувремено.

„Секоја дополнителна работа се плаќа. Прекувремена работа секогаш постоела во градежништвото и секогаш кога се работеле стратешки проекти од национален интерес се работело прекувремено. Затоа што во голем обем зависи и од временските услови. Во јавноста се создадоа шпекулации, измените на законот не предвидува 60 часа, туку повеќе од 8 часа. Овие измени на законот треба да се променат и да се додаде горната граница на работни часови. А за да еден работник работи прекувремено ќе треба да потпише изјава дека се согласува,” истакна Тренчевска.

Измените на Законот за работни односи беа поднесени од група пратеници во Собранието.

Зачлени се на нашиот е-билтен