Трендафилов за Топ Тема: Минимална плата од 600 евра е реална потреба!

Минимална плата од 600 евра е реална потреба, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во емисијата „Топ Тема“, тврдејќи дека таквиот износ не е политички слоган, туку барање што произлегува од пораките на работниците, од синдикалната кошница и од анализа изработена врз основа на податоци од повеќе домашни институции. Според него, ССМ прво бил блиску до договор со работодавачите во приватниот сектор за поинаков модел, а потоа, по променетите околности и пораките што стигнувале од работниците, синдикатот ја поместил границата и почнал да бара минималец што би достигнал 600 евра.

Трендафилов рече дека минатата година синдикатот бил „сантиметри“ до договор со работодавачите, кои, како што наведе, ја поддржувале идејата минималната плата да се зголеми за 6.000 денари, односно да достигне 500 евра. Но, според неговото образложение, клучниот услов од страна на бизнис-секторот бил државата да помогне преку надоместување или субвенционирање на придонесите. Во истиот период, додаде тој, ССМ се соочувал со одземена репрезентативност, повлекување членови од комисијата и политички етикетирања, токму кога требало да се водат преговорите.

Во 2025 година, според Трендафилов, почнале да стигнуваат јасни пораки од работниците дека и тоа што синдикатот веќе го бара не е доволно. Затоа ССМ спровел анкета, а тој тврди дека околу 1.600 испитаници се изјасниле дека минималната плата треба да биде најмалку 600 евра за да може да ја покрие минималната синдикална кошница. По таа порака, синдикатот изработил и подетална анализа врз основа на податоци од УЈП, Централниот регистар, Државниот завод за статистика и Народната банка, со цел повторно да седне на маса со Владата. Но, како што рече Трендафилов, на крајот од декември на седница на ЕСС им било кажано дека треба да обезбедат „порелевантни аргументи“ и мислења од „порелевантни институции“.

Зачлени се на нашиот е-билтен