Трет мобилен оператор во 2026: што значи за цените и договорите

Пазарот на мобилна телефонија во Македонија би требало да влезе во нова фаза на почетокот на 2026 година, со најавениот влез на трет мрежен оператор. Регулаторот, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), ова го става меѓу клучните новини за следната година – заедно со пуштањето во употреба на телекомуникациската кула на Водно и воведувањето на T-DAB. Во исто време, податоците за претставките покажуваат дека граѓаните и натаму најмногу „се сопнуваат“ на истите точки: квалитет на услугата, промени во претплатничките услови, високи сметки и раскинување договори со казнени пенали.

Во 2025 година до АЕК пристигнале 346 барања за решавање спор, наспроти 363 во 2024 година. Од донесените решенија, 45 биле усвоени, 14 делумно усвоени, 40 предмети се затвориле по меѓувремено постапување на операторите, а 109 биле одбиени, додека дел од пријавите биле непотполни, повторно поднесени или надвор од надлежност на Агенцијата. Во ваква слика, најавата за трет оператор не звучи само како „нов играч“, туку како обид да се отвори простор за поостра конкуренција – нешто што долго се провлекува и како забелешка во европските извештаи за пазарната структура.

Постапката, меѓутоа, не е едноставна трка со рокови, туку тендерски процес што во 2025 година веќе доби продолжување. АЕК на 24 ноември ги продолжи роковите од тендерската документација за 96 дена, по барање на единствениот понудувач „Оне Македонија телекомуникации“ (унгарската групација 4iG). Со одлуката, крајниот рок за избор на најповолен понудувач е 12 јануари 2026, а за доделување одобрение за користење радиофреквенции – 25 февруари 2026. Ова значи дека „официјалниот старт“ на третиот оператор, за кој се зборува како реално очекување на почетокот на 2026, во пракса ќе зависи од тоа колку брзо ќе се затвори административниот дел и како ќе оди оперативната подготовка на мрежата.

Што може да донесе трет мрежен оператор во секојдневието? Најдиректната надеж е ценовен притисок – повеќе пакети, поагресивни промоции и поголем избор за корисниците. Но искуството покажува дека конкуренцијата не е гаранција за „евтино за сите“, туку за побрзо менување на понудите. Токму затоа, во година кога се очекува нов играч, веројатно ќе расте и бројот на „ситни букви“ во договорите: промотивни периоди, услови за раскин, врзани уреди, автоматски продолжувања, пенали. Во таа зона, механизмите за заштита што ги нуди АЕК ќе бидат подеднакво важни како и маркетиншките кампањи на операторите.

Покрај третиот оператор, АЕК за почетокот на 2026 најавува и ставање во функција на телекомуникациската кула на Водно, која треба да биде оперативна најдоцна до 31 јануари. Основната логика е техничка, но последиците се многу практични: сите предавателни системи на локацијата Врв Водно да се „соберат“ во вертикала, да се избегнат интерференции и да се засили безбедноста во радиокомуникациските служби, особено кај воздухопловната радионавигација. По 12 години изградба, кулата се промовира како инфраструктура што треба да донесе поред во етерот, а не само нова силуета над градот.

Во истата рамка на „пазар што забрзува“, АЕК наведува дека операторите веќе обезбедуваат просечни 5G брзини од околу 340 Mbps во градовите и околу 120 Mbps на патиштата, со што таргетите од Националниот оперативен широкопојасен план за 2029 година се оценуваат како веќе достигнати. Новиот Закон за електронски комуникации, пак, ја отвора можноста за воведување на T-DAB по 1 јануари 2026, што би значело дополнително редефинирање на радиодифузниот простор во корист на дигитализацијата.

На македонскиот пазар во моментов доминираат двата мрежни оператори, „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“, со присуство и на виртуелни оператори. Доколку трет мрежен оператор навистина влезе во 2026, првите месеци ќе бидат тест не само за цените, туку и за тоа дали конкуренцијата ќе ја подигне транспарентноста на договорите и квалитетот на услугите – токму таму каде што граѓаните најчесто се жалат.

Зачлени се на нашиот е-билтен