Трета ноќ по ред во повеќе француски градови имаше немири поради смртта на 17-годишно момче, кое беше застрелано од полицаец.
Полицијата синоќа уапси најмалку 420 луѓе од кои 242 во реонот на Париз. Во париското предградие Нантер, каде беше застрелано момчето, демонстрантите се судрија со полицијата, при што се уапсени 19 луѓе.
И во Марсеј стотици демонстранти се судрија со полицијата, додека во Лил, Лион и Бордо беа распоредени специјални полициски сили.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен претходно изјави дека поради протестите распоредени се 40.000 полицајци ширум Франција.
Во Брисел синоќа се судрија демонстрантите и полицијата, јавија локалните медиуми. Настаните се поврзани со протестите во соседна Франција, предизвикани од убиството на 17-годишен малолетник од полицаец при сообраќајна контрола во Нантер.
Во главниот град на Белгија синоќа е запален најмалку еден автомобил и причинета е друга материјална штета. Приведени се 30-тина малолетни учесници во демонстрациите.
Демонстрантите во Брисел се собраа како одговор на повикот на социјалните мрежи. Се прецизира дека околу полноќ, силите на редот ја ставиле ситуацијата под контрола, но неопходно било да се направат промени во работењето на јавниот превоз.
Снимките на интернет покажуваат неколку пожари во близина на центарот на градот. На снимката се гледа дека полициските автомобили се гаѓани со запалени предмети, а органите на редот возвраќаат со водени топови на бунтовниците.