Повеќе од 16 автори од државата и соседните земји ќе настапат на двете фестивалски вечери на меѓународниот фестивал на проза 2024, што почнува денеска во Куманово, соопштија денеска надлежните од Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“.
– Тема на овогодишниот фестивал е „Книжевноста и вештачката интелигенција“, панелистите ќе имаат можност за дискусија токму во ова насока. Тие ќе зборуваат на тема какво е влијанието на вештачката интелигенција врз литературата, врз прозата, врз севкупното создавање на литературни дела и дали начинот на создавање ќе остане ист или ќе претрпи промени во периодот кој следи, изјави директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.
На првата фестивалска вечер со почеток во 20:00 часот ќе учествуваат истакнати и еминентни автори Бојан Кривокапиќ (Србија), Петар Денчев (Бугарија), Фросина Пармаковска, Хана Корнети, Никола Николиќ (Црна Гора) и Душко Крстевски (модератор).
Утревечер започнува централниот настан на втората фестивалска вечер на кој ќе учествуваат Лилјана Пандева, Билјана Црвенковска, Пламен Тотев (Бугарија), Владимир Јанковски, Арлинд Фаризи и Ана Јовковска (модератор).
Фестивалот се организира по трет пат со поддршка од Министерството за култура. Се работи за релативно нов фестивал, за кој организаторите велат дека прераснува во манифестација која ќе има долга традиција на која ќе се негува, презентира и популаризира пишаниот збор.
– Освен централните настани, вториот ден ќе се одржат две работилници. Едната од работилниците е наменета за најмалата читателска публика. Работилницата е под менторство на авторот Владимир Лукаш и Искра Димковска. Ќе се одржи работилница за креативно пишување под менторство на Живко Гроздановски и Јорданка Белева, изјави Маргица Станисављевиќ-Станисављевска од Центарот за култура.
На фестивалот ќе се организираат трибини, дебати и работилници.