Трето издание на „Видик“ од 25 март до 8 април во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ 

Третото издание на Фестивалот за литература и општа култура „Видик” ќе се одржи од 25 март до 8 април 2026 година, во организација на „Литература.мк”. Со креативна фузија на повеќе области на културата, фестивалот „Видик” отвора нови видици, давајќи значајна поддршка на авторите и уметниците од различни области на културното творештво во нашата земја.

Во книжарницата „Литература.мк”, во „Дајмонд мол”, ќе се одржат промоции на книги, музички настапи, театарски изведби, филмска проекција и донаторски настан, со што фестивалот повторно ќе понуди динамична и разновидна културна програма за пошироката публика.

Фестивалот ќе биде отворен на 25 март (среда), во 19 часот, со промоцијата на книгата „Филмската пропаганда во дигиталната ера” од Сашо Кокаланов, а промотор на изданието ќе биде Оливера Ќорвезироска. Следниот ден, во 21 часот, во „Литература.мк” во „Дајмонд мол”, ќе се одржи концерт на еден од најактуелните алтернативни бендови кај нас – „Фанк шуи”.

Програмата опфаќа повеќе книжевни промоции, често во комбинација со театарски или музички изведби. Така, книгата „Театарски приказни” од Митко Бојаџиски ќе биде проследена со актерска изведба на Светскиот ден на театарот (27 март), по што ќе следува џез-концерт на Night And Day Quartet во состав: Јани Костурски, Оливер Јосифовски, Бојан Петков-Шамба и Павел Ренџов.
На 28 март ќе се одржи и донаторскиот настан поврзан со книгата „Облеката и модата, од праисторијата до денес” од Зорка Тодорова-Младеновиќ, во организација на „Ротари клуб Скопје Центар”.

 На 1 април е најавена и проекција на историскиот трилер „Бранови”, еден од најгледаните чешки филмови во поновата кинематографија. Настанот се реализира во соработка со Амбасадата на Република Чешка. По проекцијата ќе се одржи концерт на Skopje Jazz Inc., во состав: Трајче Велков (труба), Горан Гешоски (бас-гитара), Зоран Костадиновски (гитара) и Виктор Филиповски (тапани).

Следниот ден, по повод 21 година од објавувањето на неговиот прв албум, популарниот рапер Тони Зен ќе претстави нов премиум-сет, односно кутија што содржи два албума на винил и две стихозбирки. Настанот „Изборот на Тони Зен” ќе биде збогатен со настап во живо на раперот со неговиот бенд.

 На 3 април концерт ќе одржи познатиот трубач, композитор и бенд-лидер од Белград, Павле Михаиловиќ – претставник на новата генерација балкански џез-музичари кои ги поместуваат границите на современиот џез. Пред публиката во Скопје, тој со својот бенд премиерно ќе ја претстави музиката од претстојниот албум „New Balkan Jazz”, носејќи енергичен и современ спој на импровизација, грув-ритми и балканската музичка традиција.

Следниот ден (4 април) публиката ќе ужива во промоција на книжевното издание „Во тивок модус” (In a Quiet Mode) од Јана Андреевска, што ќе биде проследено со пијано-изведба на Дино Имери. На 6 април е закажана промоцијата на новиот трилер од новинарот и автор Сашо Кузмановски – „Луѓе-сенки” (во издание на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина – публикации”), со кој се заокружува трилогијата за инспекторот Џовани.

 Во рамките на „Видик”, љубителите на театарот ќе можат да ги проследат: дуодрамата „Љубовни писма” со Игор Ангелов и Верица Недеска на 30 март, како и интерактивната дуодрама „Те чекам” во режија на Изабела Јакимова, со Гоце Андонов и Ангела Лефкова во носечките улоги, на 7 април. На претпоследниот фестивалски ден ќе се одржи концерт на џез-составот Parussion Group.

За крај на третото издание, на 8 април, ќе се одржи концертна промоција на книгата „Македонскиот вокален мелос во современиот контекст” од Вера Милошевска, вокалистката на еден од најпрепознатливите македонски етно-состави „Љубојна”. Во продолжение на вечерта ќе се одржи и настап на „Вера Милошевска трио”, со Бранислав Николов како специјален гостин.

Целосната програма на „Видик” може да ја проследите на следниот линк: https://www.literatura.mk/vidik

Зачлени се на нашиот е-билтен