Трговскиот гигант планира да ги замени работниците со роботи

Американскиот гигант за е-трговија Amazon планира да автоматизира 75 проценти од своето работење, што би можело да ја елиминира потребата за повеќе од половина милион работници во наредните години, објави The New York Times, повикувајќи се на интерни документи и изјави од компанијата.

Според извештајот, одделот за роботика на Amazon има за цел да замени три четвртини од тековните работни процеси со автоматизирани системи. Оваа стратегија би можела да ѝ овозможи на компанијата да избегне вработување на над 160.000 нови луѓе до 2027 година, а се проценува дека би ѝ заштедила 12,6 милијарди долари меѓу 2025 и 2027 година.

Amazon планира да ја удвои продажбата на производи до 2033 година, без соодветно зголемување на бројот на вработени. Компанијата тврди дека автоматизацијата ќе ги ослободи работниците од повторливи задачи и ќе отвори нови технички позиции за одржување и инженерство на роботите.

Во своите јавни настапи, Amazon избегнува да користи термини како „роботи“ или „автоматизација“, заменувајќи ги со поумерени изрази како „напредна технологија“ и „коботи“ (колаборативни роботи), за да се избегне негативна реакција на јавноста.

Компанијата ги оспори наводите од извештајот, тврдејќи дека документите не ја прикажуваат целосната стратегија за вработување.

Портпаролката Кели Нантел изјави дека Amazon ќе вработи 250.000 сезонски работници за претстојната празнична сезона, но не прецизираше колку од тие позиции ќе бидат трајни.

Од 2018 година, бројот на вработени во Amazon во САД нагло порасна и достигна околу 1,2 милиони луѓе.

Зачлени се на нашиот е-билтен