Точно 30 години од операцијата „Олуја“ (4–7 август 1995), јазот меѓу хрватскиот и српскиот наратив останува длабок. Хрватска денес го одбележува „Денот на победата и благодарноста кон татковината“ со воена парада во Загреб и церемонија на тврдината во Книн, каде што беше подигнато 20-метарско национално знаме. Претседателот Зоран Милановиќ нагласи дека се слави „победа на хрватските војници и народот, без омраза кон другиот“.
За официјален Загреб, акцијата што за 85 часа ја врати Краина под контрола на државата е легитимен врв на Татковинската војна и пресврт во босанскиот конфликт, кој го отвори патот кон Дејтонскиот договор. Хрватската војска денес се престави со нови француски борбени авиони „Рафал“ и тенкови „Леопард“ позајмени од Германија; за прв пат учествуваа и единици на НАТО.
Во Србија, пак, 5 август се одбележува како ден на траор. Под мотото „Олуја е погром – паметиме засекогаш“, претседателот Александар Вучиќ ја нарече операцијата „најголемото етничко чистење на Балканот“, потсетувајќи дека околу 200 000 Срби го напуштиле регионот Краина. Белград најави голема воена парада на 20 септември, на која – симболично – ќе летаат истите „Рафали“.
Невладината организација „Документа“ од Загреб регистрира 1 055 убиени српски цивили што останале во Краина, додека хрватските жртви од претходните четири години на војна надминуваат 6 000 лица. За најголем дел од злосторствата сторени од двете страни сè уште нема судска разрешница: Хашкиот трибунал во 2012 год. правосилно ги ослободи хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач.
Додека Книн секоја година се обвива во патриотска еуфорија, а Белград во ритуална жалост, заеднички наратив и денес изгледа подалечен од било кога.