Три локални НВО со ЕУ грантови: дигитални услуги и мониторинг на реформата во општини

Три граѓански организации од Скопје и Битола добија грантови во рамките на проектот ВеБЕР 3.0, финансиран од Европската унија и кофинансиран од Австриската развојна агенција, со цел да се зајакне учеството на малите локални организации во следењето на реформата на јавната администрација (РЈА) на локално ниво. Грантовите им беа доделени на Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 (Скопје), Про Локал (Битола) и Организацијата на потрошувачите на Македонија (Скопје), со фокус на мониторинг заснован на докази, застапување и конструктивен дијалог со институциите.

Според медиумското соопштение на ЕПИ, трите организации во периодот мај 2024 – февруари 2025 работеле на проекти поврзани со испорака на јавни услуги преку дигитални алатки во три општини: Кочани, Битола и Охрид. Идејата, како што наведуваат, е малите локални организации да добијат простор да покажат како конкретни дигитални решенија и учество на граѓаните можат да ја придвижат администрацијата кон поефикасни, потранспарентни и подостапни услуги.

Во Кочани, Блинк 42-21 го реализирал проектот „Согледување на јавната вредност на технологијата – мЗаедница“, насочен кон подобрување на дигиталното работење на општината и комуникацијата со граѓаните. Како резултати се наведуваат 1.300 нови корисници, 1.250 учесници во дигитални консултации, обуки за општинската администрација и организирање локален форум за РЈА, каде што се отвориле прашања за дигиталните реформи и употребата на повратните информации од граѓаните во процесот на одлучување.

Во Битола, Про Локал го спровел проектот „Битола 2.0 – Дигитална општина поблиску до граѓаните“, со цел унапредување на локалните јавни услуги преку комбинација од дигитализација и партиципативни пристапи. Во реализацијата, според соопштението, биле вклучени над 300 граѓани, културни институции, граѓански организации и општинската администрација. Како клучен резултат се истакнува воспоставувањето на првиот Дигитален културен календар на Битола (event.bitola.gov.mk), платформа што ги обединува културните и спортските настани во градот на едно место.

Во Охрид, Организацијата на потрошувачите на Македонија го реализирала проектот „Заедно со потрошувачите во дигитализацијата и модернизацијата на јавните комунални услуги“, насочен кон поголема ефикасност, транспарентност и достапност на комуналните услуги. Преку теренско истражување со 200 граѓани, биле идентификувани потребите и предизвиците на потрошувачите, по што биле изработени упатства за подобрување на електронските услуги и електронски формулар за поднесување приговори. Проектот вклучил и информативна дигитална кампања што, според организацијата, достигнала над 20.000 граѓани и придонела за подигнување на свесноста за можностите што ги носи дигитализацијата на јавните услуги.

Од ЕПИ порачуваат дека грантовата шема била дизајнирана да ги доближи реформите до локалните средини, каде што граѓаните најдиректно ги чувствуваат слабостите на администрацијата – од комуникацијата со институциите до квалитетот и брзината на услугите. Проектите, според нив, покажуваат дека дигитализацијата има ефект само ако е врзана со докази, учество на граѓаните и механизми што ја тераат администрацијата да се менува, а не само да „префрла“ хартија во електронска форма.

Зачлени се на нашиот е-билтен