Повеќе од половина од сите видови птици во светот бележат пад на бројноста, покажува новата глобална проценка на биолошката разновидност. Научниците предупредуваат дека 61% од анализираните видови се со намалена популација, што претставува драстично зголемување во однос на пред девет години, кога овој процент изнесувал 44%.

Главните причини се крчењето на шумите, ширењето на земјоделството и урбанизацијата, кои уништуваат природни живеалишта низ целиот свет – од Мадагаскар до Средна Америка. Птиците имаат клучна улога во екосистемите, преку опрашување, ширење семиња и контрола на штетници, па нивниот пад може да има сериозни последици за рамнотежата во природата.
„Фактот дека три од пет видови птици во светот имаат опаѓачка популација покажува колку е длабока кризата на биодиверзитетот и колку е итно владите да дејствуваат“, изјави д-р Ијан Бурфилд од организацијата BirdLife International.
И покрај мрачните податоци, научниците истакнуваат дека успешни примери на заштита постојат – бројот на зелени морски желки пораснал за 28% од 1970-тите години, благодарение на подобра заштита на местата за гнездење.
Но, од друга страна, арктичките фоки се на работ на исчезнување поради топењето на мразот и губење на живеалишта, што директно влијае и врз популацијата на поларни мечки.
„Нивната судбина е остар потсетник дека климатските промени не се далечен проблем – тие се случуваат сега и тука“, предупреди д-р Кит Ковакс од Норвешкиот поларен институт.