Три светски рекорди на Матка, експедицијата во Врело заврши успешно

Експедицијата „Врело 2026“ во подводната пештера Врело на Матка заврши со три нови светски рекорди, соопшти Спелеонуркачкиот клуб „Врело“. Според организаторите, постигнати се рекорди во истражување на најдлабока подводна пештера, најдлабоко пештерско нуркање и длабинско нуркање на отворени води.

Експедицијата се одржуваше од 10 до 17 октомври, со главна цел да се надмине досегашната истражена длабочина од 287 метри и да се достигнат 300 метри или повеќе.

„Би сакале да ве известиме дека експедицијата заврши и имаме три нови светски рекорди“, соопштија од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“.

Точната достигната длабочина и деталите за трите постигнувања треба да бидат соопштени на прес-конференција во базниот камп на клубот на Матка. Засега не се објавени податоци за независна верификација на рекордите.

Во експедицијата учествуваше меѓународен спелеонуркачки тим предводен од полскиот нуркач Бартломиеј Питала, кој и минатата година постави нов рекорд во истражувањето на подводниот систем.

Во октомври 2025 година, Питала и неговиот тим достигнаа длабочина од 287 метри, надминувајќи го претходниот рекорд од 242 метри што во 2017 година го постави полскиот нуркач Кшиштоф Старнавски.

Претходно, италијанскиот спелеонуркач Луиџи Касати успеа да достигне длабочина од 212 метри.

Со минатогодишното достигнување, според податоците објавени од организаторите, Врело се најде меѓу трите најдлабоко истражени подводни пештери во светот, зад Фонт Естрамар во Франција со 312 метри и Елефанте Бјанко во Италија со 292 метри.

Истражувачите уште тогаш посочија дека подводниот систем продолжува на поголеми длабочини, што беше и главниот мотив за организирање на новата експедиција.

Пештерата Врело, сместена во кањонот Матка во близина на Скопје, со години привлекува меѓународни тимови поради сложениот подводен систем и можноста за истражување на сè уште недостапни делови.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?