Во Куманово ноќеска избувнаа четири пожари во кои изгореа три автомобили и деловен објект, кои, според првичните информации, биле намерно подметнати. Возилата припаѓаат на актуелен обвинител, офицер во АРМ и вработен во приватна компанија, додека деловниот објект е сопственост на татко на советник од ДУИ во локалниот совет.
Обвинителот Џељал Бајрами, поранешен член на Владата, изјави дека не добивал закани и не верува дека бил цел на нападот.
„Не мислам дека сум лично таргет на ова, особено што синоќа во Куманово се случија неколку поврзани настани. Близу до моето живеалиште беше опожарено возило на сосед кој е припадник на АРМ, а беа опожарени и автомобил на човек вработен во приватен сектор и деловен објект поврзан со советник од политичка партија. Верувам дека се работи за криминална група. Очекувам сторителите да бидат брзо откриени и изведени пред правдата,“ изјави Бајрами.
Советникот Фитор Јакупи од ДУИ на „Фејсбук“ објави дека деловниот објект, сопственост на неговиот татко, е уништен од подметнат пожар.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека инцидентите се пријавени во раните утрински часови.
-На улица „11 Октомври“ бил опожарен деловен објект сопственост на М.Ј. На улиците „Трст“, „Вардарска“ и „Никола Вапцаров“ изгореа три возила – „Фолксваген Пасат“, „Ауди“ и уште едно „Ауди“, сопственост на Џ.Б., А.Е. и М.Ш. Полициски тимови извршија увид на сите локации, а обвинителството анализира снимки од видеонадзор, велат до МВР.
Според првичните сознанија, пожарите биле подметнати речиси истовремено. Се истражува поврзаноста меѓу настаните, а полицијата и обвинителството работат на откривање на мотивите и сторителите.