Трн.мк објави ново сведоштво на жена жртва на насилство: Во МВР ми рекоа Господ да ми бил на помош

Смртта на мајка и нејзиното шестгодишно дете во Карпош, повторно ја отворија најтешката тема за која општеството зборува најчесто предоцна. Семејното насилство, фемицидот, нефункционалноста на системот, уште еден изгубен живот и прашањето што останува да виси е истото: дали трагедиите можеле да се спречат ако институциите реагирале навреме?

Фемицидите или убиства на жени од страна на партнери или поранешни партнери, ретко се случуваат одеднаш. Тие речиси секогаш имаат долга и болна хронологија на насилство, предупредувања и пријави што понекогаш остануваат без одговор.

„„Јас сум следната Росица си помислив, а во МВР ми рекоа – Господ нека ти е на помош!“, беше првото нешто што го кажа жена жртва на насилство, во нејзиното сведоштво, објавено во медиумот „Лице в лице“, есента 2025 година, непосредно по фемицидот во Велес.

Шест месеци подоцна, истата жена во разговор за Трн, а во соработка со „Лице в лице“, ја открива хронологијата на насилството, од психичка контрола до физички напади и закани со убиство, но и чувството дека системот не прави проценка на ризик и не реагира доволно брзо.

„Почна како психичко насилство“

Жената вели дека насилството започнало постепено и долго време не го препознавала како такво.

– Почна како психичко, меѓутоа после одреден период стана физичко насилство. За жал, немав храброст да донесам одлука дека сакам да заминам од таму, затоа што сакав да ги заштитам децата и не сакав тие да растат без родители. Тоа е најголемата грешка што ја направив во мојот живот, затоа што мислев дека ги заштитувам децата, а всушност јас бев личноста која најмногу беше повредена од целата ситуација. Долго време се обидував да го задржам семејството заедно и да верувам дека работите ќе се променат- раскажува таа.

Таа вели дека контролата била присутна во секојдневието, но на почетокот ја толкувала како грижа.

-Многу пати ме имаше малтретирано. Многу пати ми правеше финансиска контрола, ме контролираше на моето работно место и проверуваше со кого сум и каде одам. Јас воопшто не бев свесна дека тоа е контрола од негова страна, затоа што мислев дека премногу ме сака. Дури подоцна сфатив дека тоа што го доживувам не е љубов, туку начин да ме контролира и да ме изолира, објаснува жрвата.

„Бев претепана, имав тешки телесни повреди“

Со текот на времето, психичкото насилство преминало во физичко.

-Кулминираше кога бев физички нападната од негова страна. Бев претепана и имав тешки телесни повреди, толку што ми беше сменет личниот опис. После тоа решив дека морам да побарам помош. Се обратив во полициската станица на подрачната единица каде што живеам, затоа што не знаев каде на друго место да одам, вели таа.

По нападот, институционалната процедура започнала, но не без пречки.

-Од полициската станица ме препратија во градска болница за да се направи лекарски преглед. Го направивме прегледот и со документите повторно се вратив во институциите. Веднаш отидов во Институтот за семејно насилство и поднесов кривична пријава. Меѓутоа, по одредено време ја повлеков пријавата.

Одлуката да ја повлече пријавата, вели, била резултат на силен притисок.

-Ја повлеков затоа што имав огромен притисок од сите околу мене – од моите деца, од него. Иако имаше безбедносни мерки изречени од институциите, тој ги прекрши. Тука се јави паника кај мене дека повторно ќе останам без моите деца. Поради тоа ја повлеков пријавата, надевајќи се дека работите ќе се смируваат.

„Ми се закануваше со убиство“

По краток период на мир, насилството повторно се вратило.

-Беше одреден период мирен и смирен, но за жал повторно насилството излезе на виделина. Повторно ме нападна и почна да ми се заканува со убиство. Тоа веќе не беа само караници или закани во афект, туку директни закани дека ќе ме убие. Тоа беше момент кога навистина се исплашив за мојот живот.

Еден настан, вели, особено ја потресол.

-Последниот повик што го добив од негова страна дека сака да ме убие беше во присуство на полициски службеник. Тоа се случи во истата полициска станица каде што се обратив за помош. Полицаецот го слушаше разговорот. Кога го прашав што треба да направам, наместо да ме заштити, ми рече: ‘Само Господ нека ти е напомош и се надевам дека нема да се тепате пред полициска станица.

Таа вели дека токму тогаш почувствувала колку е сама во целата ситуација.

„Останав сама да барам помош“

По заканите, морала да оди на психијатриски преглед за да добие медицинска документација.

-Требаше да се обратам во психијатриска болница за да извадам документ дека сум вознемирена од нападот што го добив од насилникот. Излегов од полициската станица и тргнав кон психијатрија. Ниту еден полициски службеник не дојде за да ме проследи дотаму. За среќа, имаше луѓе со мене и некако се чувствував побезбедно за да стигнам.

По медицинскиот преглед, повторно се вратила во институциите.

-Оттаму повторно требаше да се вратам во Институтот за семејно насилство за да поднесам нова кривична пријава. Бев повторно со луѓето што беа со мене, затоа што сама не се чувствував безбедно. Поднесов пријава, но повторно започна долг процес на чекање.

„Месеци чекав да се одредат мерки“

Процедурите, вели, траеле предолго.

-Многу е жално што месеци беа потребни за повторно да се изречат мерки. Од последниот настан, од последната кривична пријава, помина долг период. До ден денес јас не сум повикана пред јавен обвинител. Тоа значи дека во вакви ситуации не се постапува доволно брзо.

Таа морала да се обрати и во Центарот за социјална работа.

-Откако поднесов пријава во Институтот за семејно насилство, се упатив во Центарот за социјална работа, затоа што и таму мора да се пријави дека имало повторен настан. Но таму не бев примена од страна на социјалниот работник. Ми беше кажано дека треба телефонски да закажам, затоа што во текот на денот имала премногу работа.

„Како да имаме доверба во институциите?“

Жената поставува прашање кое го поставуваат многу жртви.

-Како ние да бидеме заштитени? Како да имаме доверба во институциите? Многу малку е потребно информациите да истечат од институциите кои треба да ги штитат жртвите. Ако од поднесување на пријава до решение поминуваат денови или месеци, тогаш тие денови можат да бидат пресудни.

Таа додава и горчлива споредба.

-За жал се доведовме во општество каде што ако украдеш кило лимони ќе одговараш повеќе, отколку ако претепаш жена.

Извор Трн.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен