Тројански коњ е ризик што Европската унија не смее да си го дозволи со новиот бран проширување, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос на конференцијата за проширување во Талин, Естонија, повикувајќи идните пристапни договори да добијат посилни механизми што ќе спречат назадување по членството.
Во своето обраќање, Кос нагласи дека нема „скратени патишта“ кога станува збор за владеење на правото, борба против корупција и изградба на демократски институции, бидејќи полноправното членство, според неа, не смее да дојде по цена на тие фундаментални реформи. Како поука од претходните проширувања, таа побара заштитни клауѕули што ќе осигурат дека новите членки ќе ги почитуваат правилата и по влезот – и по пет, десет или дваесет години – со „осигурување“ што ќе „касне“ ако државата се враќа назад во клучните стандарди.
Кос посочи и дека Црна Гора, која е меѓу најнапреднатите кандидати, би можела да биде првата земја со „нова генерација“ пристапен договор што би ги содржел овие заштитни мерки, токму за да се избегне сценарио во кое ЕУ добива нова членка што подоцна го поткопува заедничкиот правен и политички поредок.
Пораката доаѓа во момент кога Брисел се обидува да ја помири потребата за брзина – под притисок на геополитиката и кандидатите, меѓу кои и Украина што бара побрза интеграција – со принципот дека членството мора да следува дури по целосни реформи. Дел од дискусиите, според европските извештаи, се движат околу нови модели и дополнителни гаранции, токму за да се зачува кредибилитетот на процесот и довербата во ЕУ како заедница на правила.
Во исто време, Кос укажа дека и самата Унија мора да се подготви институционално за проширување, при што, според пренесените пораки, сè уште нема доволна политичка волја за чувствителни промени како проширување на гласањето со квалификувано мнозинство во одредени области. Тоа ја засилува дилемата како ЕУ ќе остане ефикасна со повеќе од 30 членки, без да влезе во блокади што би ја парализирале нејзината способност за одлуки.