Бројката на жртви од лавината што вчера попладне ги затрупа планинарите во Јулиските Алпи се искачи на три. Словенечките спасувачки служби утрово ги пронајдоа и останатите две тела, по ноќната акција во близина на врвот Тосц (2.275 м) кај Бохињ. Едно тело беше извадено синоќа, а уште две денеска, потврдија надлежните. Загинатите се хрватски државјани, дел од група од седуммина планинари фатени од снежната маса на стрмен и карпест терен, со зголемена опасност од нови лавини.
Спасувањето беше отежнато поради условите на теренот и временските прилики. Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар и хрватскиот министер Давор Божиновиќ пристигнаа во Бохињ за координација и поддршка на службите вклучени во акцијата. Хрватските медиуми пренесуваат дека меѓу настраданите имало и двајца браќа од Каштела. Точната реконструкција на настанот и причините за лавината ќе бидат предмет на истражување.
Локалните власти апелираат до планинарите за максимална претпазливост во високогорските делови на Јулиските Алпи, каде што по свежиот снег и ветер се можни нови лавини, особено на северни и засенчени падини.