Тројца загинати и двајца тешко повредени во сообраќајката што утрово ја потресе Македонија

Тројца работници загинаа, а двајца се тешко повредени во тешката сообраќајна несреќа на експресниот пат Штип-Радовиш. Несреќата се случи утринава кога комбе, во кое се превезувале работници, излета од мостот на Балталиска река, во близина на штипското село Лакавица.

Директорот на ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“, Горан Андонов, за МИА изјави дека медицинскиот тим на Итната медицинска помош на лице место констатирал смрт кај две лица. Третиот работник бил реанимиран, но подлегнал на повредите. Првичните информации покажуваат дека станува збор за странски работници од Бангладеш, кои биле ангажирани за струмичка фирма. Повредени се и еден работник и возачот на комбето.

Директорот на Клиничка болница Штип, Владко Захариев, истакна дека едно лице е хоспитализирано и на него во моментов му се вршат прегледи.

Зачлени се на нашиот е-билтен