Полскиот премиер Доналд Туск ја спомена можноста за предвремени избори доколку претседателот на земјата, наклонет на конзервативците кои ги загубија изборите минатата година од проевропските сили, продолжи да ја опструира работата на Владата.
„Ако не можеме да владееме поради опструкциите на претседателот и ако (популистите) сакаат предвремени избори, тогаш тие ќе ги имаат“, им рече Туск на новинарите во Брисел откако претседателот Анджеј Дуда најави законодавна блокада.
Претседателот вчера го потврди државниот буџет презентиран од Владата на Туск пред да го упати до Уставниот суд, под контрола на претходната влада, наведувајќи ги сомнежите во врска со неговото усвојување во Парламентот.
Најавувајќи ја својата одлука, претседателот рече дека е загрижен за гласањето за буџетот во Долниот дом на Парламентот поради отсуството на претставници од популистичките редови на партијата Право и правда (ПиС).
Двајца поранешни функционери, поранешниот министер за внатрешни работи Мариуш Камински и неговиот близок соработник Мациеј Васик, беа осудени на затворски казни во декември за злоупотреба на овластувањата во врска со случај од 2007 година.
Иако беа избрани за пратеници во октомври, нивните мандати беа одземени, што тие одбиваат да го признаат, како и претседателот Дуда.
Приведени во претседателската палата, тие беа накратко затворени пред претседателот да ги помилува и да побара итно пуштање од затвор.
Дуда вчера потврди дека до Уставниот суд ги испратил на оценка сите закони што ги донесе Парламентот во отсуство на двајцата горенаведени претставници.
За Туск, како што рече, ставањето на интересите на двајцата претставници пред интересите на државата е „целосно неприфатливо“.
Претседателот на Долниот дом на Парламентот одлуката на претседателот ја нарече „уцена“.