Уапсен Бујар Дарлишта: нов удар врз партиските кадри во финансиските шеми на државата

Ноќ помеѓу 17 и 18 декември донесе нова голема полициска акција во Скопје и Куманово. Повеќе од десет лица се приведени под сомнение за финансиско-економски криминал и перење пари, а меѓу нив е и Бујар Дарлишта – поранешен директор на Управата за водење на матични книги и управител во државниот енергетски сектор, кадар близок до ДУИ.

Според досегашните информации, акцијата ја спровеле екипи на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при БЈБ – МВР, под раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. На мета била организирана група осомничена за дела од областа на корупцијата и економскиот криминал, со фокус на перење пари.

По судски наредби се извршени претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово. Неофицијално, при акцијата се пронајдени и одземени поголеми суми пари во различни валути, мобилни телефони, лаптопи, хард дискови и финансиска документација, а претреси се вршат и во два правни субјекти. Обвинителството потврдува дека на терен се вршат активности поради сомневање за финансиско-економски кривични дела, но детали најавува по завршување на оперативните мерки.

Кој е Бујар Дарлишта и зошто неговото име е чувствително

Дарлишта во јавноста се перцепира како човек од сенка на ДУИ – партиски кадар кој добивал позиции во институции со голема моќ над документи, регистри и јавни ресурси. Беше директор на Управата за водење матични книги, институција која години наназад е во фокусот на критики за хаос со евиденцијата и контролата врз изводите. Подоцна, Дарлишта се појави и во енергетиката, како управител во една од компаниите на ЕСМ за дистрибуција на топлинска енергија за Скопје.

Името на Дарлишта веќе еднаш сериозно се отвори во јавноста кога Државниот завод за ревизија утврди дека во 2019 година, во период кога тој раководел со Управата, биле издадени 21.957 погрешни изводи – околу 4% од вкупно издадените. Ревизорите нотираа и кусок од 94.451 обрасци во подрачните единици во неколку градови, за кои не биле наплатени административни такси. Овие наоди отворија прашања за контрола, одговорност и можни злоупотреби во системот што треба да биде темел на личниот статус на секој граѓанин.

Последните години, Дарлишта се појавуваше и на јавни настани поврзани со поранешната ОНА/УЧК, како дел од организациони одбори на собири, што дополнително го вкрстува неговото име со политичко-историските симболи на ДУИ.

Зачлени се на нашиот е-билтен